5.8 C
Скопје
4. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИС

Бислимовски: Со овие инвестиции земјата станува енергетски независна и можеме од увозна земја да станеме земја што извезува струја

„Одлично е што ќе имаме конечно француска инвестиција и заедно со реализацијата и на грчката инвестиција во енергетиката граѓаните може да очекуваат стабилни сметки за струја и пониски сметки за топлинска енергија. Во исто време поради ниската цена ќе се зголеми интересот за приклучување кон мрежата за топлинска енергија и ќе се ослободат количини што ЕСМ ги произведува на ниво од два блока во РЕК Битола. ЕСМ ќе може да продава струја на берза и парите да ги насочи кон инвестиции. Концептот на приватни инвеститори во случајов стратешки е применуван секаде во Европа. Тоа е модел каде приватниот инвеститор гради енергетските капацитети, а енергенсот се откупува по однапред утврдена цена што е пониска од онаа што ја има ЕСМ,“ изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, а пренесува Градска.мк.

Бислимоски информира дека ЕСМ сега ја продава струјата на ЕВН хоме по цена од 58 евра за Mw/h, додека од стратешките партнери ќе изнесува 55 евра за Mw/h. Притоа, дополнува дека доминантно струјата е од РЕК Битола од јаглен, чие производство ќе поскапи поради данок од ЕУ од 70/80 евра за Mw/h што значи дека цената ќе достигне до 150 евра.

Според Бислимоски добро е да има уште повеќе инвеститори и од увозна земја да станеме земја што извезува струја. Тој посочува дека само во 2023година, количината што се увезува поради приватните инвестиции е преполовена.

Повикувајќи се на веќе објавени и познати информации,Градска.мк пишува дека соларниот парк “Стипион“ ќе ги задоволува потребите за струја на околу 94.000 домаќинства. Инвестицијата е вредна 270 милони евра со капацитет за производство од 360 до 400 мегавати, а ќе ја реализира француската компанија „Акио Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР” – Скопје.

Со капацитет од околу 400 MW, соларниот парк ќе биде најголемиот соларен проект во Источна Европа и помеѓу најголемите во Европа. Проектот има капацитет од скоро половина од вкупниот инсталиран капацитет на сите термоелектроцентрали во Северна Македонија. Соларниот парк самостојно би задоволувал околу 10% од нето потрошувачката на електрична енергија во државата.
Времетраењето на овој проект е 30 години, што овозможува ниска и контролирана цена на електричната енергија од страна на државата во овој период, избегнувајќи значителни негативни флуктации на енергетските пазари како во претходните години. Ова ќе овозможи и предвидливост и осигурување од енергетска зависност како резултат на геополитички кризи како што е војната во Украина и на Блискиот исток.