Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во интервју за „Пресс 24“ истакна дека македонската култура е препознаена и докажана во светот, со длабока традиција, дострели кои се впишани во историјата на европската уметност.
„Културата го негува нашиот идентитет и посебност, но таа неминовно учествува и во исполнување на европските вредности за поврзување и дијалог, за хуманизација на просторот, за подобар квалитет на живот за секој граѓанин“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Таа рече дека за насоките и визиите за македонската култура како нераскинлив дел од европската мапа, е посветено големо внимание и во Стратегијата за културата до 2027 година.
На прашањето што сè е реализирано во текот на нејзиниот мандат, Костадиновска-Стојчевска потсети дека нејзината визија и заложба била инвестициите во културата да се влог во националниот идентитет изразувајќи притоа уверување дека токму тие ќе го чуваат и афирмираат македонскиот идентитет и култура.
–Вложивме 32.8 милиони денари за обнова на старото училиште во Љубојно, кое ќе прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик. Оваа година се обезбедени 120 милиони денари за реконструкцијата на Универзалната сала, за заштитата на вредната црква „Свети Ѓоргија“ во Курбиново, само изминатава година издвоивме над 5.5 милиони денари, а поддржани се и многу други проекти преку кои го заштитуваме нашето културно наследство. Годинава го вративме културното наследство во македонските цркви и манастири, а тече постапката за реституција на други вредни предмети– потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура се осврна на инвестициите и потенцираше дека во последниве две години се вложени 900 милиони денари. Санирани и реконструирани се голем број објекти на националните установи, а се продолжува и градбата на повеќе нови објекти.
Од особен интерес за рамномерен развој на културата низ државата, се капиталните дотации за инфраструктурни зафати, инвестиција во која, како што вели министерката за култура во последните две години се обезбедени 90 милиони денари. Министерката рече дека годинава тој буџет е зголемен од минатата година и изнесува 50 милиони денари, и дека со оваа програма се продолжува со проекти кои подразбираат вистинска грижа и унапредување на културата и културните вредности.
Културата е сектор со стабилни плати, за што Костадиновска-Стојчевска додава: „Направен е многу сериозен исчекор и во вреднувањето на културните работници за што се обезбедени за 43 проценти повисоки плати во културата, а од минатата година се обезбедени и пари за К-15“.
Во интервјуто за „Прес 24“, Костадиновска-Стојчевска се осврна на резултатите од новите конкурси како: „Цртај на македонски“, „Култура во лето“, како и за активностите кои се преземаат за заштита на Охридскиот Регион, според препораките на УНЕСКО.
Осврнувајќи се на ефектите од донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик Костадиновска-Стојчевска ги потенцира придобивките од неговото усвојување и додава: „Законот предвидува формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот јазик, тело во состав на Министерството за култура, кое има обврска да ја следи правилната употреба на македонскиот јазик. Од овој закон поизлегува и важната иницијатива за стипендирање ученици од четврта година средно образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик“, истакна Костадиновска-Стојчевска.