Оливер Спасовски на Фејсбук:
„Почитувани граѓани,
Мојот мандат во МВР беше период на интензивни промени, силни реформи и неуморна посветеност кон безбедноста на граѓаните.
МВР го засили својот капацитет за борба против криминалот, корупцијата и незаконитоста. Воведовме нови стандарди и опрема во полициското работење, што значително ја подобри ефикасноста и транспарентноста на оваа институција. Овие напори резултираа со повисок степен на безбедност и доверба од страна на јавноста.
Во 2015 година го затекнав министерството како високопартизирано и криминализирано, министерство коешто злоупотребуваше човекови права, прислушуваше над 22.000 граѓани, министерство кое што криеше убиства, како она на Мартин Нешковски од страна на обезбедувањето на Груевски. Ќе ја спомнам „Вистината за Македонија“ која што ја објавивме низ разговорите, ќе потсетам за долгот од 40 милиони евра, ќе спомнам за субстандардните услови за работа на полициските службеници во најзатворената од заробените институции во државата. Ќе спомнам за историски најниското ниво на доверба кај граѓаните.
Денеска, Министерството за внатрешни работи е една од трите најтранспарентни институции, со доверба кај граѓаните над 65%, со статистика која говори за постојано намалување на вкупниот криминалитет и зголемување на ефикасноста. Така, 2023 година ја завршивме како година во која што имаме 8% намалување на вкупниот криминалитет во споредба со 2022 година и за 4% зголемување на ефикасноста.
Имаме министерство коешто се состои од исклучително подготвен Оддел за специјални полициски операции и коешто успеа целосно да го обнови и консолидира Одделот за воздухопловни единици – за првпат воведовме можности за гаснење пожари од страна полициските воздухоплови, за првпат успеавме да поставиме систем за медицински транспорт со Медикоптер.
Успеавме да реконструираме 80 објекти со 17 милиони евра, да изградиме нов ИКТ центар со комплетна информатичка инфраструктура, да го смениме системот којшто бил од осумдесеттите години. Да изградиме најсовремена форензичка лабораторија, да градиме нова полициска станица во Аеродром, да започнеме реконструкција на целиот систем на управни служби во објектот на МРТВ, со инвестирани 13 милиони евра да набавиме униформи и опрема. Успеавме да ја зголемиме платата на вработените за 35%, да исплатиме 6 бонус плати. Покажавме како задоволна полиција може да испорача врвни резултати.
Сакам да го истакнам и значењето на соработката на меѓународно ниво. Потпишувањето на Договорот со европската агенција ФРОНТЕКС, изразената доверба за организација на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во Охрид и 30. Самит на ОБСЕ во Скопје, зајакнувањето на врските со меѓународните партнери и релевантни организации покажа дека Република Северна Македонија е одговорен и посветен партнер во глобалните напори за стабилност и сигурност. Така, според Глобалниот индекс за мир Република Северна Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Балканот, во друштво на 40-те најбезбедни во светот.
Затворајќи го ова поглавје, сметам дека оставам наследство кое ќе служи како солидна основа за идните успеси.
Ви благодарам за можноста да докажеме дека концептот „МВР за Граѓаните” е успешен.
Да живее македонската полиција!
Да живее Република Северна Македонија!“