27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Сузбиена организирана криминална група од Грчец

Сузбиена организирана криминална група од Грчец инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства

Денеска Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи и АНБ, под раководство на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција Скопје, а со поддршка на Европол и Заедничкиот истражен тим LIMIT од земјите членки, Франција, Белгија и Холандија, презеде координирани мерки и активности со цел лишување од слобода на лица за кои постојат сомненија дека како членови на меѓународна организирана криминална група биле инволвирани во организирање на набавка на наркотична дрога кокаин и вршење на тешки кривични дела убиства.

Денешните активности на полициските службеници од Бирото за јавна безбедност се резултат на повеќемесечна истрага раководена од Јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во рамките на која беа обезбедени доволен број на докази дека во временскиот период од декември 2019 до март 2021 година, на територијата на Република Северна Македонија, пријавениот Ш.М. (46) од с.Грчец, заедно уште две лица, сега починатите О.Б. и Ј.К., организирале криминална група, чии припадници станале повеќе лица.

Организираната криминална група била формирана со цел вршење на кривични дела убиство од безобзирна одмазда и по порачка од користољубие, при што лицата организатори на истата донесувале одлуки и создавале планови за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот, а своите одлуки и планови ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група, кои ги прифаќале и спроведувале.

Исто така, оваа организирана криминална група која делувала на меѓународно ниво организирала набавка на наркотична дрога кокаин од земјите на Јужна Америка, пред сè Колумбија, Еквадор, Бразил, Перу и Боливија, нејзино пренесување до земјите на Европската унија, а дел бил наменет за наркопазарот во Република Северна Македонија.
Оваа криминална група плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група.

Од досега спроведените мерки е утврдено и документирано дека оваа организирана криминална група, во горенаведениот временски период, организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европска унија и Република Северна Македонија, и тоа
-Транспорт на 435 килограми наркотична дрога кокаин набавен од групата во Бразил, Јужна Америка, и транспортиран по воден пат до пристаништето до Антверпен, Кралството Белгија, која количина е запленета од страна на царинските службеници во Антверпен, при што дел од наведената количина требало да заврши на нелегалниот пазар во Република Северна Македонија.

-Транспорт на 106 килограми наркотична дрога кокаин кој пристигнал од Перу до Ротердам, Холандија, а по пристигнувањето во пристаништето во Ротердам дел требало да биде пренесен во Република Северна Македонија.

Организираната криминална група организирала и неколку транспорти на кокаин од Белгија во РСМ, како и од Албанија во Република Северна Македонија. Во еден случај било организирано пренесување на шест килограми наркотична дрога кокаин од Белгија во РСМ, во два случаи било организирани пренесувања по четири килограми кокаин и во еден случај бил организиран транспорт на еден килограм наркотична дрога кокаин од Република Албанија во Република Северна Македонија.

Припадниците на оваа организирана криминална група која дејствувала не само на национално ниво, туку и на меѓународно ниво, и како резултат на нивните криминални активности поврзани со недозволена трговија со наркотична дрога се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во изградба на луксузни куќи, купување на недвижности и изградба на луксузни угостителски објекти, кои ќе бидат предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација.

Како резултат на истрагата и податоците кои беа добиени, обезбедени се докази дека организаторот на криминалната група Ш.М., заедно со членовите на групата организирале и извршиле обид за убиство на лице од с.Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше пронајдено на 15 мај 2020 година во с.Горна Матка, Скопје и двојното убиство случено на 05 март 2021 година, кога во Скопје беа убиени А.Б. и Б.В..

На овој начин лицата организатори и членови на групата извршиле повеќе кривични дела предвидени и казниви согласно Кривичниот Законик, а се работи за кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, убиства и обид за убиство, за што во текот на денешниот ден до ОЈО за ГОКК ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица и тоа Ш.М. (46), Д.И.(50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б. (20), Н.И. (44), Е.И.(25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43).
Како резултат на денешните активности и извршени претреси на 20 локации во Скопје, с. Грчец и други места, шестмина од пријавените лица се лишени од слобода, дел од пријавените лица подолг период престојуваат надвор од РСМ, додека едно лице Р.С. (42) е веќе лишено од слобода во Шпанија. При претресите запленети се голема сума на пари, луксузни автомобили итн.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО за ГОКК по издавањето на потерници за лицата кои се наоѓаат надвор од Република Северна Македонија ќе преземе координирани мерки со поддршка на ЕВРОПОЛ со цел нивно лишување од слобода.

Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжи со активности со цел докажување и на други кривични дела извршени од оваа криминална група, но и на други криминални соработници.