26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ!

СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ е платформа креирана од дискографската куќа ПМГ Рекордингс од Скопје, со мисија да регистрира, ангажира и промовира квалитетни, автохтони младински движења, сцени и поединци од Македонија. Замислена како квалитетен пресек на најубавата и најпаметна македонска младина на почетокот на 21-виот век, оваа платформа цели да биде генератор и иницијатор на дружење и (интер)генарациска, креативна и конструктивна соработка, во правец на подигање на квалитетот на животот на младите, преку нивно динамично ангажирање во областа на културата и уметноста.

Во овој контекст, платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ги препознава прогресивните и креативни млади луѓе, кои со своето творештво и делување во јавната сфера ги носат и промовираат напредните вредности. Младите се денес граѓани на светот, кои својот профил го градат преку образование, комуникација и соработка во локален, европски, но и глобален контекст. Соочени со предизвикот на непостоење соодветна средина за развој, подобар квалитет на живот и актуализација на вредностите кои тие ги застапуваат, СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ делува во насока на создавање на услови во кои младите се вреднуваат, напредуваат и се мотивирани да останат да живеат во земјата.

СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ најавува серија од различни културно-уметнички настани во рамки на кои ќе се документираат, поддржат и презентираат современите урбани движења и културната-уметничка продукција на младите денес.

Најголемиот дел од програмата ќе опфати различни формати на целовечерни и дневни музички настани во чии рамки преку серија на концерти, клупски вечери и специјализирани диџеј сесии ќе се направи пресек на младинската музичка сцена и нејзините придвижувачи во полето на современата рок, поп и електронска музика. Во контекст на домашната музичка сцена програмата ќе има и меѓународни гостувања од Србија и Англија.

Во насока на документирање и издавање на македонска музика, платформата ќе понуди две нови музички изданија за ПМГ Рекордингс. „Поп Култура“ е албум-компилација која ќе излезе на винил и која преставува пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува мошне значаен историски документ како запис за времето и квалитетот на оваа сцена, а ќе биде издадена на винил – докажано најквалитетниот аналоген носач на звук и сеуште најценетиот во светот на музиката, што воедно е реткост и куриозитет на домашната сцена. Свој прв аудио запис ќе добие и средношколскиот музички состав „Црно Собрание“ како дигитално издание.

Во насока на креирање на простор за актуализација на теми кои се бават со интересите, потребите и предизвици на младите во контекстот во кој живеат и со вредностите кои ги застапуваат, платформата ќе понуди две дискусии/поткасти.

Платформата започнува со активности овој викенд со два музички настани во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје.

Во петок, 26 јануари со концерт во живо ќе се претстави бендот „Црно собрание” од скопската гимназија „Никола Карев” развиен како дел од проектната активност (училишни бендови) на Емилија Ристановска. Покрај неколку настапи во Скопје, бендот минатата година одржа и концерт во Белград, во „Дом Омладине“, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија”.

Во сабота, 27 јануари, во соработка со најмладиот урбан колектив кој делува во насока промоција на млади таленти од локалната електронска македонска сцена „ОВЦ Колектив (OVC Kolektiv) ќе се реализира дневна клупска забава (Newcomers Day Rave) во рамки на која ќе настапат четири диџеи од колективот. Младите ќе можат да танцуваат од 12 до 17 часот на единствените засега дневни клупски забави кои ги организира овој млад колектив.

Настаните на платформата редовно ќе бидат објавувани на специјално креираните страни на Инстаграм и Фејсбук.

Редакција Трн