27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски по повод христијанскиот празник: Нека Богојавление – Водици ни даде сила, смирение и добра мисла за да се соочиме со сите искушенија

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до сите граѓани коишто го прославуваат празникот и до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан.

„Имам особено задоволство и чест да Ви го честитам големиот христијански празник, Богојавление – Водици, и да Ви посакам да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и среќа. И годинава на големиот празник повторно ќе ја посведочиме светата тајна на крштевањето. На величествените собири покрај нашите води, како што се полни бреговите со верници така и нашите срца да бидат исполнети со вера, надеж и љубов.

Нека Богојавление – Водици ни даде сила, смирение и добра мисла за да се соочиме со сите искушенија кои ни претстојат во годината која штотуку започна и заеднички да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите наши граѓани. Да бидеме грижливи и милосрдни и да си даваме поткрепа едни на други, постојано дарувајќи љубов и ширејќи позитивна енергија. Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!“, вели претседателот Пендаровски.