25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ризаов: Од 2020 до 2026 Хрватска од ЕУ добива неповратни 20 милијарди евра – блокадата на македонската интеграција е предавство

Десетгодишното членство на Хрватска во ЕУ, може да биде опишано како многу успешно. Само од 2020 до 2026 година Хрватска добила – или треба да добие – повеќе од 20 милијарди евра неповратна финансиска поддршка од европските фондови. Тоа е 36 отсто од нејзиниот БДП во 2019 година, пишува Ерол Ризаов во неговата колумна за „Дојче веле“.

Тој додава дека пред десет години хрватскиот БДП по глава на жител беше 59, а сега е 73 отсто од просекот на целата Унија, што говори за растот на хрватската економија по членството.

Ризаов кажува дека дури 70 отсто од јавните инвестиции во Хрватска се финансираат со пари од европските фондови, а земјата од ЕУ добила 10,7 милијарди евра повеќе отколку што ѝ платила на Европската унија во овие десет години.

„Кога овие податоци ќе ги прочита човек во Македонија нели му доаѓа малку да помисли дали ваквата поддршка спаѓа во загроза на државните и национални интереси и што значи директното блокирање на преговорите со ЕУ. Ако станевме членка на ЕУ заедно со Хрватска сигурно дека Македонија во овие изминати десет години ќе добиеше најмалку шест до седум милијарди евра и речиси комплетно изградена инфраструктура и финансирање на јавните инвестиции со европски пари во обем од околу 70 проценти“ пишува Ризаов.

Тој додава дека попречувањето на членството на Македонија во ЕУ со измислени опасности од некаква опасност за идентитетските посебности е во суштина чин на предавство на најзначајните државни интереси и на интересите на сите граѓани во Македонија.

„Оваа политика на одложување и неизвесност на иднината на државата мора да биде надмината на изборите, доколку кај мнозинството граѓани на Македонија превладува определбата за европеизација на земјата“ заклучува Ризаов.