Во емисијата Студио 10 на Телевизија 24 вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ истакна дека процесот на интеграција во ЕУ е заедничка битка на Македонија и на земјите членки на ЕУ и дека се постапува по сите забелешки на одредени земји членки.
Маричиќ смета дека нашата држава во 2019 година неоправдано беше тргната на страна од прашањето за проширување на ЕУ.
„Ние не можеме да заборавиме што нам ни се случи 2019 година, кога сосема неоправдано бевме тргнати од масата за одлука за проширување на Унијата. Тоа не е никаков изговор, но целта на сето ова и секогаш кога сум разговарал со кој било амбасадор сум рекол дека ова е заедничка битка која заеднички и принципелно треба да ја биеме. Холандија има право да се изјасни за кој било проблем, бидејќи ние сакаме да станеме членка на ЕУ. И ние треба да се навикнуваме дека во иднина како што ќе тече преговарачкиот роцес, така секоја членка ќе си ги изнесува свите грижи и забелешки и тоа е нормален тек на работите“ порача Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека во изминатиот период нашата држава освен уставните измени, направила се што е потребно да се забрза процесот на интеграција.
„Каде сме денеска ние во евроинтеграциите? Ние сме со завршена прва фаза на процесот на преговори, завршен скрининг, ги очекуваме извештаите за вториот и третиот кластер кои се повеќе економски. За првиот веќе ги имаме. Ги поднесовме тие патокази кои самите сме си ги утврдиле и беа поддржани и во парламентато во комисиите од сите пратеници од сите партии и направивме се она што беше возможно без уставни измени“ порача Маричиќ.