25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Обиди се да не го прочиташ насловов

Обиди се да не го прочиташ насловов

Неутралноста е само „поствистина“, оправдување за прегратката на детскиот рај на неодлучноста. Некој друг да крши глава со одлучување

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Како професионален солач на памет, уверена сум дека сѐ може да се научи и дека за сѐ што човек одлучува, за свое сопствено добро, треба тоа да го прави со што е можно подобра информација. Целото воспитување и обука што општеството ни го пружало било во насока на слободата за одлучување за сопственото добро. Само погрешната насока била ограничена и тоа на начин да не те сопира сосем – освен ако не вовлекуваш премногу други, затоа што „точните“ никогаш не знаат дали се доволно „точни“, а „неточните“ воопшто не знаат дека се „неточни“.

Тоа е прекрасен модел, во којшто „неточните“ сепак мора да пресметуваат колку ќе ги чини „неточноста“ и можеби би им било поевтино да видат што тоа на „точните“ толку им е јасно. Така, само многу мало малцинство останува уверено во точноста на својата „неточност“, посветувајќи доста време од својот живот тоа да влезе во „точното“, најчесто од редот на уметниците или научниците. Тоа е и вистинската динамика меѓу мејнстримот, медиокритетството и револуционерноста.

Денес не е така, всушност, изгледа како (сосила) да владее медиокритетство во македонското општество (некои тоа го нарекуваат мејнстрим, но не е). Пореметувањето на динамиката, како што сме сведоци од крајот на 80-тите, настана од „неточното“ во кое наеднаш се вовлечени многумина (тешкиот услов на горната добра динамика), а толкава пореметувачка енергија имаат само инаетот и омразата – преточени стандардно во национализам и/или најслично на тоа – некое религиско слепило. Тоа е правило – треба да се каже „настанува“, во смисла на формула. Тој вид на слепило е дефинирачка карактеристика на медиокритетноста и тоа, парадоксално спротивно на енергијата на инаетот и омразата, се состои во состојбата на неодлучување, индиферентност кон испитување на точност или неточност, и тоа толку незагрижено, дури и во ситуација кога општеството сѐ уште не ја обезбедило „точноста“ и преку претежнувачка масовност. Тоа е нечувствување и ненамера кон сопственото добро (или лошо), поради незнаење, непроценка, неучење, просто. Состојбата на одлука, од страна на масовниот медиокритет, како да трепка во постојана неопределеност како спин на некоја квантна честичка. Колку и да е масовна, сепак појавата воопшто не формира никаков „мејнстрим“, бидејќи мејнстримот се карактеризира со уредна насоченост, неконтрадикторна на себе и обработувајќи ги во себе парадоксите на револуционерностите без гушење, кон поголема сигурност и развој на општеството – како некакво магнетно поле.

Хаотичноста на масовната неодлучност, јасно, се стреми кон остварување на карактеристиките на ефектот на пеперутка, кога мали влијанија стануваат општествени урагани. Парадоксално, токму структурите кои го поттикнуваат хаотизирањето, се трудат да ги поседуваат и последиците на ефектот на пеперутка како божемна дефинитивност на божемно следство (а суштински, обично подбуцнување), со цел да постигнат ефект на „мејнстрим“ врз хаосот што го генерираат. Но, тоа е невозможно и има само една последица – „пеперуткин колапс“, или на хаотичната маса, или на „хаотичарот“. Ова е во основа формула која произлегува од правилото дека на слободата на волјата може да се влијае само ограничено.

Имено, хаотичарите со нивните празни, контрадикторни „аксиоми“ од божемна национална (или религиска) природа – во основа глуматање празни клишиња и фрази, можат само да се уништат самите затоа што го подриваат системот кој ги поддржува под претпоставка дека се форма на институција. Медиумите кои ги пласираат – исто така заедно со хаотичарите само можат да бидат повлечени надолу. Имено, хаосот никако не може да мејнстримизира ништо, па ако сака нека длаби на глава со 1000 медиуми (освен – војна, ако воопшто тоа може да се нарече stream). Во суштина, фиданката, поточето на македонскиот мејнстрим во создавање, токму во тензија со маслиновите медиуми полека формира имунитет кон појавата на масовно, „неточно“, самонаречено револуционерство, како решавање на слабата точка на една пристојна општествена динамика опишана горе.

Урнебесно, масовното самонаречено „револуционерство“, дословно си се нарекува „револуционерно“ (Р- то во ВМРО), а како што една пристојна општествена динамика (опишаната погоре) обезбедува дефиниција „кој е кој“, е само про-хаотичен маткач на масовното медиокритетство. Последново, пак, од своја страна, не е ни во процес на проценка колку го чини непроценувањето или преправањето дека проценува за сопственото добро, па нагрбачено со неточности, без „царина“ му обезбедува превоз на таканареченото „револуционерство“. Оваа борба ја наоѓа Македонија во период на висока светска технолошка развиеност, што на хаотичарите им ги мокри пантолоните, па се осмелуваат само да д’ткаат флоскули најмногу од 19-тиот век. Дури и 30-тите години од минатиот век им се преголем залак, а не се осмелуваат ни да ја потчукнат лушпата на јајцето што ја заштити македонскоста после еден 29-ти Ноември, освен ситната одмаздољубива подмолност за споменот на тој ден.

Подетално, хаотичноста и слободата на волјата се во конфликт заради ненасоченоста кон резонирање и притоа конфликтот е минимум трослоен. Прво, за да има воопшто волја, мора да има претходна намера. Ова искуство го имаме и од пред основно училиште – намерата да направите нешто трае подолго од осцилациите на волјата, која знае да се замори, да ја „фати мрза“ или да се растргне со емотивности и околности. Така, слободата на волјата некои, почнувајќи од учениците, (погрешно) ја заменуваат со мрзата, а некои (слично несоодветно) само со голата намера. Второ, волјата и слободата за неа, знаат обратно-пропорционално да се условат – колку повеќе е ограничена слободата (или се има впечаток на ограничување – сеедно), волјата знае и да се „заинаети“ во висока цена на претопување себеси во намера. И, исто така, колку поголема слобода (или впечаток на слободност) – толку повеќе волјата знае да си се лади во сенка. А трето, слободата на волјата дословно не постои во гол однос со природните закони, без оглед колку статистики и евристики да направите за тоа. На пример, гравитацијата е немилосрдна кон голата слободна волја на едно човечко суштество да лета. Исто така, во моментов, беспомошно ги декодирате овие зборови, џабе е слободната волја да не го правите тоа – таа не помага.

Третово се користи како влез во умот на гледачот и од страна на медиумите низ таканаречените „вести“, „интервјуа“, итн. Освен ако не ги исклучиме физички, не помага волјата да не ги декодираме тонот или буквите. Во содржината, пак, на тоа што го читаме или слушаме, не се случува припросто презентирање на празните 19-вековни флоскули во форма на празни флоскули, туку се вметнуваат парадоксално во две рамки без заеднички пресек: и во претензија на мејнстрим наратив и, воедно, во претензија за револуционерност. Смислата на тој инженеринг е да се супресира секаква оригинална револуционерност, бидејќи од една страна ги адресира умислените „револуционерни“ медиокритети (несвесни за цената на својата „револуционерност“, а може да ги „смота“ и евентуалните идни оригинални), а од друга страна формира и привид на чиста категорија, цврстина, просто физички детерминизам, додворувајќи му се на телото со парола „грижо моја прејди на друг“, т.е. на препаднувачите од секаква одговорност, жедни за „згрижен“ мир во животот. Бидејќи адресирањето е кон медиокритетното тело, а не авангардата и проевропскоста како свежа жица на мејнстримот, јасно е дека се јавуваат парадокси како „револуционерни конзервативци“ и тоа под водство на самонаречена „револуционерна“ група што се самокатегоризира како „конзервативна“. Оксиморони во изобилство. Доктрината на инженерингот е таква што, иако оние што сакаат да бидат згрижени како мали деца се поголема маса, божемните „револуционери“ се присвојуваат поенергично, низ пониско ниво на имитирање на гореопишаната природна динамика на едно општество.

Меѓутоа лагата си е лага и таа си ја тера својата интерна динамика. Таа се активира кога не можат да издржат да не пласираат „пророштва“ преку масовните медиуми, на пример за црната или светлата иднина на Македонија (мора со 100% крајности, инаку медиокритет не разбира, па проевропските сили се фаќаат на истата јадица, па во круг така), за вакви или такви резултати од изборите, итн. Обликот на пророштвата ги инженерираат да бидат самоисполнувачки, но таа работа не оди така едноставно, затоа што, според втората карактеристика на слободната волја (за ефектот на обратната пропорционалност меѓу волјата и нејзината слобода) сакале или не, многу го вознемируваат неодлучувачот кој сака мир и го поставуваат пред излудувачка психолошка невозможност: Дали неговото оригинално уверување за слободност на одлучувањето е точното или информацијата дека е предодреден да биде слободен одлучувач е точната. Тие две се спротивни работи, заради тоа што самата информација за идно дејство веќе претставува ограничување и неслобода во одлучувањето.

Испаѓа дека единствен излез за слободната волја на медиумски изложениот граѓанин е – граѓанинот да постапи спротивно на информацијата дека тој со слободна волја ќе одлучува, односно, да нема слободна волја. Се разбира, ова не може да опстои, тоа е тотална неточна глупост, па во реалноста, парадоксираниот граѓанин се враќа на 0, на медиокритетскиот неутрален дефолт – не гласа. Тоа е тоа што медиумската индустрија и ботовските хибридни формации го прават во умот на граѓанинот кога изигруваат пророци, а тој е изложен само со голите сетила на нив. Меѓутоа, неутралноста е само „поствистина“, оправдување за прегратката на детскиот рај на неодлучноста. Некој друг да крши глава со одлучување. Секако дека е непријатно за едно нормално граѓанско право да стои фамата дека тоа е партиска војна за власт, и тоа за поединци, за конкретни личности. Но, овој ефект (негласање) може да ги гризне одзади и „пророците“ и оние на кои им се пророкува без оглед дали денес или кога било. Рестриктивниот ефект е вовед во колабирањето на лажниот систем кој имитира мејнстрим.

Главниот неуспех на имитаторот е заради монгерингот во условите за слободната волја на граѓанинот со пророштва. Како и во гореопишаната прва карактеристика на слободната волја, намерата е услов без кој не постои ни волја, а камоли слободна. Најпосле, една личност не може да не знае за своите сопствени намери, освен ако е шизофреник или под дејство на супстанци. Најважната намера за ова општество, пак, е постигнување на европските стандарди, но ВМРО-ДПМНЕ се преправа како да не чуло за тоа и, ако победеле, тогаш ќе ни кажеле како им се вика мачката во вреќата. Ваква шизофренија не би смеела да се прифати. Всушност тешко дека било кој систем, колку и да е хаотичен, може да го категоризира шизофренирањето на вредностите во „револуционерно однесување“ или, пак, во рајски раат да се предаде моќта на одлучувањето во такви раце. „Чистите“ категории (национални и религиски особено) на ВМРО како доктрина, му служат како детерминистичка играчка за несигурните во иднината, како магионичарски трикови наречени „волшебништво“, изигрувајќи пророци и месии. Луѓето не се ни животни без моќ за предвидување чија слободна волја би се свела на инстинкт, затоа што сепак имаат потенцијал за резонирање, а не се ни програмирани роботи. Не може да настапуваш на луѓе со пророштво, бидејќи автоматски во иднината го спречуваш истото да биде вистина.

Јасно, има оригинални револуционерни уметнички умови кои го решиле и овој проблем, но е политички неприменлив (сѐ уште). Решението е прикажано во филмот „Матрикс“, каде што програмскиот ентитет задолжен за предвидување го кажува предвидувањето спротивно од вистината, за да го вовлече субјектот во соодветно однесување со цел тој да не се умисли па да го утне остварувањето на таа вистина.

И покрај проблемите со „пророштвата“ на заинтресираните за власт кон нивните гласачи и нивниот однос кон општествената одлука за изодување на европскиот пат, сепак, како во училиште, прашањето најпросто се сведува на – дали ќе се одговори точно или неточно. Можеби и – дали препишувачите ќе препишат од ученикот со точен одговор или ќе се зезнат да препишат од тој со неточен одговор – последиците не се исти, а неточното не станува на ниеден магичен начин точно, дури и кога сите одговараат неточно.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Извор: Racin.mk