Вистината избива на виделина, наспроти времето и ѓоновите што се обидуваат да ја прегазат
Фактите остануваат факти, без оглед на тоа колку креаторите на лагите се обидуваат да ги искриват или скријат!
ЏАБИР ДЕРАЛА
Оние што ги создаваат и шират лагите и манипулациите, потоа и живеат во нив. Живеат и во лагите на оние за кои работат. Тие живеат во имагинарниот свет на сопствените лаги. Тоа се нарекува самозалажување.
Што е тоа? Стенфорд енциклопедијата на филозофијата[i] дефинира:
„Самозалажувањето вклучува лице кое (а) како последица на некоја мотивација или емоција, се чини дека стекнува и одржува некое лажно верување и покрај доказите за спротивното и (б) кое може да покаже одредено однесување кое сугерира одредена свесност за вистината.“
Понатаму, како што објаснува овој теоретски прилог, филозофите што се занимаваат со прашањата на самоизмамата расправаат и околу тоа:
- дали самозалажувањето е намерно или не;
- дали самоизмамата е морално проблематична (и ако е, на кои начини и под кои околности);
- дали самоизмамата е корисна или штетна;
- дали и во која смисла колективите можат да се самозалажуваат (и како, ако можат да се самозалажат, тоа може да влијае на поединците во такви колективи);
- дали нашата склоност кон самоизмама би можела да биде социјално, психолошки или биолошки адаптивна или само случаен нуспроизвод на нашата еволутивна историја?
Голем број одговори даваат и правото и психологијата, но и тие отвораат и уште поголем број прашања и дилеми.
Во контекст на македонско-балканската, па ако сакате и глобалната реалност, добро е да ги дополниме овие студии со податокот дека мотивите за самозалажување кај моќните поединци и групи во општеството се парите и моќта (власта). Така, еден политичар или медиумски газда (и уредник или директор) кои креираат и шират лаги и манипулации, после некое време почнуваат да веруваат во имагинарниот свет кој го создаваат и им го наметнуваат на луѓето. Сепак…
Фактите остануваат факти, без оглед на тоа колку креаторите на лагите се обидуваат да ги искриват или скријат. Вистината избива на виделина, наспроти времето и ѓоновите што се обидуваат да ја прегазат.
Колективите (народот, што и да значи тој поим во вокабуларот на измамниците) во својата еволуција, исто така, успеваат да доживеат „катарза“ и да се соочат со болните вистини и катастрофални штети што ги предизвикале лагите и самозалажувањето.
Најчесто, тоа е доцна за многубројните жртви што ги предизвикале, следејќи ја лагата на оние што во своите раце ги имале инструментите за креирање и распространување на злото.
Текстот е личен став на Авторот.
Извор: Civilmedia.mk