26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Успехот на скрининг процесот е доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ

„Успехот на скрининг процесот, кој се одвиваше 15 месеци, приближно 100 дена, со ангажман на преку 1000 учесници од преку 200 различни институции, е доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ и која покажа дека можеме и знаеме“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на прес-конференција.

Тој изрази благодарност за посветената работа на сите вклучени институции, вработените во СЕП и за вработените од министерствата кои вредно работеа на скринингот и беа најголем придонес за успехот.

„Ние сме подготвени за следната фаза од преговорите, за која неопходно е завршување на обврските од Преговарачката рамка за пристапување на Северна Македонија во членство во Европската Унија, којашто ја усвоивме на 19 јули минатата година. Покрај двата патокази, Патоказ за владеење на правото и Патоказот за реформа на јавната администрација и Акцискиот план за заштита на припадниците на немнозинските заедници, кои денес ќе ги испратиме до Европската Унија и шпанското претседателство, ни останува и завршувањето на уште една клучна обврска, а тоа се уставните измени“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека тоа е целосно наша, домашна одговорност, на секој нас и особено на секој пратеник во Собранието.