Современото и инстант искуство со социјалните мрежи поуспешно ги обединува младите околу вредносни константи кои не нужно се позитивни и конструктивни, односно не ретко се деструктивни и радикални. Затоа, да се обидеме да им посветиме должно внимание на младите во 2024, не во смисла да ги рецензираме и да им ги ограничиме слободите туку да сториме сѐ што е во наша моќ да им укажеме на специфичните замки и ризици кои секое време си ги носи со себе. Истовремено, категорично да ја осудиме секоја злоупотреба на младите за остварување на партикуларни, особено политички цели.
Тони ПОПОВСКИ
Последната колумна за оваа година ја посветувам на младите и на потребата од поголемо внимание за негативните влијанија кои политичката поларизација, незавидното ниво на доверба во институциите и правниот поредок, продлабочените нееднаквости и изложеноста на тенденциозна пропаганда и лажни вести, го имаат врз нив.
Младите се радикализираат и овој процес не е типичен само за нас туку претставува европски но и глобален феномен со кој треба сериозно да се соочиме, додека не биде предоцна. Овој кус осврт нема да го оптоварувам со илустрирање на екстремни настани како и со бројни емпириски и нумерички докази извлечени од научни, политиколошки и социолошки истражувања, и ќе наведам само неколку силни каузални врски на нашето секојдневие со радикализацијата на младите.
Трендот на политичка поларизација за резултат има мобилизација околу екстремното наместо околу умереното, со сите поврзани ризици. Екстремното во политиката го одликува бескрупулозно критикување и етикетирање на политичкиот противник како егзистенцијална закана со која во „име на народот“ треба да се расчисти. Во нашиот контекст, тоа се повици на екстремната десница за исполнување на „светата должност“ за заштита на загрозениот македонски индентитет од соседите и од домашните „предавници“ каде централна тема е враќање на загубеното достоинство, а слична реторика која ги насочува младите едни против други може да се пронајде и кај екстремната десница меѓу Албанците. Истовремено од екстремната левица не ретко доаѓаат и отворени повици за насилна и конечна пресметка со „три-деценискиот корумпиран естаблишмент“.
Голем дел од младите се рецептивни на овие повици, поради низа причини. Прво, за нив својствената – генерациски детерминирана бунтовност, нон-конформизмот, поттикот за промена и живеење на „протестна култура“. Второ, потфрлањето на образовниот систем, особено во средното и високото образование, каде недостасува образовна содржина поврзана со јасно објаснување на елементарните демократски вредности како цивилизациска придобивка, неоправданоста на насилството во демократски системи, разликување на граѓански од екстремни каузи, почитување на поинаквите од себе според пол, етничка, верска и расна припадност, објаснување на човековите права и слободи но и граѓанските обврски, осуда за сите облици на дискриминација па сѐ до целисходноста на демократското уредување и политички систем. Младите се помалку се стекнуваат со образование во институциите туку сѐ повеќе на интернет каде се изложени на пропаганда, лажни тврдења и вести и дузина недемократски образци на однесување кои се нудат како оправдана и привлечна алтернатива на „корумпираниот и стагнантен мејнстрим“. И трето, но не последно, генерацискиот и технолошки јаз и потфрлањето на родителите да посветат доволно внимание на новатa генерација „Зет“ која споредбено поминува драстично повеќе време на електронски уреди и занемарливо време читајќи книги во споредба со родителите, со импликации врз подготвеноста за држење на фокус, поскромен вокабулар и не ретко и послаби академски перформанси иако последново го компензира револуционерниот подем поврзан со пристапот до информации и вештачката интелигенција.
Младите учат многу побргу на интернет, но предизвикот е што покрај позитивни содржини секојдневно се бомбардирани со негативното, било да се работи за емоционален реакционизам, префрлање на вина, па сѐ до професионално психолошки прилагодени содржини за нивната возраст со тенденција да подгреваат радикализам и насилно уривање на демократските норми и поредок. Младите немаат доволно животно, социјално и политичко искуство а со тоа и имунитет, односно се’ најподатлив сегмент од популацијата за директна и злонамерна манипулација.
Особено за генерацијата „Z“ која споредбено е најдобро информирана, но истовремено и најмногу дезинформирана, типична е состојбата на пасивна агресија, пасивна поради живеење со спротивставени вредности, односно во менгеме, каде од една страна младите се под притисок на очекувања на семејството за исполнувања на конвенционални критериуми и општествени вредности, а од друга страна е културата на дисруптивното, без оглед дали се работи за новите технологии или за меѓусебно спротивставени, алтернативни и истовремено радикални политички концепти.
Оваа генерација на млади е пасивна и поради субституцијата на реалната социјализација и заедничко конвенционално растење едни со други, со растење на социјални мрежи каде младите постојано се набљудуваат и “разузнаваат“. Затоа не треба да се потцени тој атипичен стрес и акумулираната агресија во пасивноста но и поради виртуелното присуство каде се бара оправдување и уважување или се наидува на говор на омраза, негирање и конфронтирање.
Бидејќи човекот е социјално животно, ова современо и инстант искуство со социјалните мрежи поуспешно ги обединува младите околу вредносни константи кои не нужно се позитивни и конструктивни, односно не ретко се деструктивни и радикални. Затоа, да се обидеме да им посветиме должно внимание на младите во 2024, не во смисла да ги рецензираме и да им ги ограничиме слободите туку да сториме сѐ што е во наша моќ да им укажеме на специфичните замки и ризици кои секое време си ги носи со себе. Истовремено, категорично да ја осудиме секоја злоупотреба на младите за остварување на партикуларни, особено политички цели.
Извор: Racin.mk