27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со евтината тарифа на струјата домаќинствата месечно заштедуваат илјада денари

„Со враќањето на евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот со тоа 1.000 денари месечно заштедуваат домаќинствата. Тоа е работа на една Влада која има јасна стратегија, која има јасна цел и која знае како да ги спроведе стратегиите кои што ги пишува“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.

Тој додаде дека враќањето на евтината тарифа за струјата беше овозможено поради инсталирањето на капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува.

„Евтината тарифа е важна, бидејќи беше едно од клучните ветувања за граѓаните, што го спроведовме. Беше прекинато на одреден период заради светската енергетска криза, кога воведовме низа дополнително други мерки со коишто ги субвенциониравме сметките за струја и се уште ја субвенционираме во износ до 90%. Да не беше субвенцијата од државата сметките на граѓаните што ги плаќаат ќе беа дуплирани за електрична енергија во сите изминати две години откако ги воведовме овие мерки“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека сето ова е реализирано за краток рок, а Владата има лпаноти и за среден и долг рок со што нашата држава ќе стане енергетски независна.

„Република Северна Македонија е воедно првата држава во регионот на Западен Балкан, која донесе Стратегија за развој на енергетскиот сектор, базирана токму на столбовите на Зелениот Договор на Европската Унија“ рече Ковачевски.