Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, одржа прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија по повод пристигнувањето на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза.
„Се сеќавам пред неколку месеци на кризата што се создаде поради бирократските процедури, кои создадоа паника кај пациентите со цистична фиброза, оправдан беше нивниот револт, на нивните семејства, блиските. Оправдан беше и револтот на јавноста, а ние како Влада нешто мораше да смениме. Како министер за здравство, а пред сѐ како долгогодишен лекар, секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје. И секогаш сум се залагал сите потреби во однос на лекови, дијагностика, во однос на помагала, нешто што е секојдневна потреба на пациентите, да бидат решени колку што може побргу, веднаш! Бирократските препреки не смее и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните“, вели Меџити.
Како што додава, лекот „трикафта“ е веќе на Универзитетската клиника за детски болести.
„Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително, предвидени се 854 милиони денари за лекот за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија. Пациентите со цистична фиброза етапно се вклучуваат на терапија и во согласност со протоколот и прецизните критериуми на евалуација се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од страна на стручна комисија по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза според бодирање“, посочува Меџити.
Тој потсетува дека лекот „трикафта“ е безбеден, одобрен од Европската медицинска агенција.
„Она што е многу важно, ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив. Лекот во Европа е стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза. Како министер сум отворен и транспарентен со пациентите за да ги слушнам кои се нивните вистински потреби и кој е начинот на кој би ги решиле. Решенијата што ги носиме не се наметнати, туку имаат вистински ефект“, изјави Меџити.