8. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба Народна банка-Светска банка: Народната банка ќе продолжи со успешно спроведување на реформите во финансискиот сектор

Во изминативе неколку години беше постигнат натамошен значаен напредок во зајакнување на финансискиот сектор. Беше донесен Закон за финансиска стабилност со кој на Народната банка и се даде макропрудентен мандат, а истовремено се поставија механизми за зајакната координација помеѓу сите финансиски регулатори, како и зајакната рамка за следење на системските ризици. Исто така, беше донесен и нов Закон за решавање на банки, а тековно се работи на подзаконска регулатива која произлегува од овој закон. Со цел соодветно вградување на ризиците од климатските промени во банкарскиот систем беше донесена првата Национална стратегија за зелени финансии, а беше подготвен и циркулар за банките. За сите овие активности Светската банка обезбеди значајна поддршка. Ова беше заеднички констатирано на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот тим со делегацијата на Светската банка, предводена од потпретседателката за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан, Шаочинг Ју, како и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, при што беше изразена благодарност од двете страни за досегашната соработка и изразена надеж и заложба за продолжување на успешните релации.

Посетата на потпретседателката за Европа и Централна Азија, Антонела Басани беше во рамки на активностите за одбележување на триесет години на партнерство на земјава со Светската банка. Во изминатите три децении Светската банка претставува значаен партнер на Народната банка, во развојот на капацитетите и градењето на функционалната рамка за воспоставување и одржување на макроекономската стабилност. Соработката помеѓу двете институции ќе продолжи и во идниот период, особено преку понатамошното јакнење на макропрудентната рамка, подготовка на подзаконски акти со цел операционализација на Законот за решавање банки, унапредување на платежната сфера, како и справување со предизвиците од климатските промени.