24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Министрите Спасовски и Бочварски од Куманово: Реконструирани сите полициски објекти во СВР Куманово, до крајот на годината тендер за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски остварија работна посета на Куманово.

Министерот Спасовски пред СВР Куманово, една од капиталните инвестиции на МВР, потсети на реконструираните објекти на подрачјето на СВР Куманово, во насока на подобрување на материјално-техничките услови за работа на полицијата.

„Нема полициски објект на подрачјето на СВР Куманово кој не е реконструиран. А претходно беа заборавени со децении. Притоа, инвестиравме ни помалку ни повеќе туку 65 милиони денари, средства од буџетот на МВР. Објектот на СВР Куманово претставуваше навистина голема инвестиција, со вложени 47,2 милиони денари од буџетот на МВР, кој стана гордост на МВР од 2021 година наваму. Тоа го кажуваат полициските службеници што работат во него, а што е уште поважно тоа го забележуваат и граѓаните кои ги остваруваат своите граѓански права и обврски тука”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите.

Тој потсети дека објектот на СВР Куманово датираше од далечната 1929 година, а реновирањето на објектот беше изведено во повеќе фази, со оглед на неколкуте организациони единици опфатени со проектот, во кои максимално се испочитувани стандардите за енергетска ефикасност.

Министерот Спасовски појасни дека во овие шест години беа завршени и реконструкциските работи на објектите на сите организациони единици при СВР Куманово, и тоа на Полициското одделение Ранковце и од Полициската канцеларија Старо Нагоричане, Полициската станица Кратово, Одделението за внатрешни работи Крива Паланка.

Министерот Спасовски во оваа прилика се надоврза и на инвестициите реализирани од страна на Владата во овој регион.

„Речиси и да нема сегмент во кој не инвестиравме периодов наназад. Реконструиравме дел од водоснабдителниот систем во Куманово, се работеше на изградба на фекален колектор во Речица, изградба на канализација во Тромеѓа, набавивме специјален ровокопач – натоварач за зимско одржување на улиците, набавивме специјално возило за отстранување на непрописно паркираните возила. Обезбедивме средства за доопремување на детската градинка со капацитет за нови 60 деца, работевме и на друг проект за адаптација на просторот на Пионерскиот дом во градинка за 40 деца”, рече Спасовски, споменувајќи ги инвестициите, санациите и делумните реконструкции на ОУ „Бајрам Шабани“, „Наим Фрашери“, на „Браќа Рибар“ во Сопот, во гимназијата „Сами Фрашери“ и средното училиште „Перо Наков“, па спортска сала во училиштето „Наце Буѓони“ и во ОУ„Јероним Де Рава“, потоа Меморијалниот центар „АСНОМ“ на Пелинце, а во тек се активностите во култната Соколана и спортската сала.

Работната посета на Куманово продолжи на Железничката станица „Перо Чичо“, каде министерот Бочварски изврши увид во изградбата на пругата – делница Куманово – Бељаковце, како дел од Коридор 8.

Министерот Бочварски истакна дека изградбата на прва и втора фаза од пругата од Куманово до Крива Паланка се одвива со потребната динамика за што постојано се вршат координации меѓу надлежните институции за да се изгради оваа модерна пруга. За овие две фази се инвестира околу 200 милиони евра.

„Тоа што можам оттука да најавам е дека до крај на годината очекувам да го распишеме и јавниот повик за изградба и на третата фаза односно од Крива Паланка до границата со Бугарија. Тендерската постапка е во сосема завршна фаза, очекувам многу брзо пратениците да ги изгласаат законите за заем од меѓународните финансиски институции, секако за оваа фаза имаме обезбедено и грант средства и со тоа да ја заокружиме финансиската конструкција за изградба и на последниот дел од пругата. И ова е нашата примарна цел, да создадеме модерна железничка мрежа, која ќе овозможи брза врска кон соседните земји, но и да создадеме услови за економски раст олеснувајќи го транспортот на товар и патници и отварајќи нови можности за македонските компании”, изјави министерот Бочварски.