3. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери – Бесани: Поддршката што ја добива Македонија од Светската банка е силен сигнал дека државата се движи во вистинска насока

Денес, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Бесани. На средбата присуствуваа и Џијаокинг Жу, директорка на Светската банка за регионот на Западен Балкан, и Масимилијано Паолучи, менаџер на Светската банка за Северна Македонија и Косово, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Претседателот Џафери информира за временската рамка во која Собранието ќе го усвои буџетот на државата за 2024 година, како и за законите што се усвоија во Собранието во изминатиот период, со акцент на новиот Закон за буџетите, со кој се воведоа фискални правила, фискален совет и подобрување на транспарентноста на јавните финансии. Во однос Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по договорот за заем за развојни политики за одржливост и отпорност, Џафери нагласи дека е во собраниска процедура, а како предуслов за усвојување на овој закон Собранието усвои 11 дополнителни закони.

Потпретседателката на Светската банка, Бесани, искажа задоволство што Светската банка ги поддржува амбициите и целите на државата и нејзините граѓани во изминативе 30 години и надеж дека плодната соработка ќе продолжи и во иднина. Бесани се осврна на наодите од ажурирањето на систематската дијагностика за земјата од 2023 година и се осврна на приоритетите на земјата, кои би можеле да бидат поддржани од Светската банка во следната рамка за партнерство со земјата.

Соговорниците се согласија дека поддршката што ја добива Република Северна Македонија од Светската банка е силен сигнал дека државата се движи во вистинска насока и е мотивација да се продолжи со политиките и почнатите реформски процеси, а во исто време дава сигнал кон меѓународните фактори и меѓународните финансиски пазари.