23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мaж од Кавадарци фрлил отровна салама на улица за да труе животни, пред Обвинителството рекол дека се кае

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Предлог за издавање казнен налог против 32-годишен жител на селото Глишиќ, обвинет за кривични дела – Предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1, како и Мачење животни според член 233 став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот, на 9 ноември, исекол неколку парчиња салама, ги напрскал со токсичен препарат наменет за прскање и заштита на винова лоза, ги ставил во ќеси како мамец и ги оставил пред незаградениот двор на семејна куќа. Иако бил свесен дека во куќата живеат четири семејства и постојано има голема фреквенција на луѓе, како и дека поради таквото негово дејствие може да настапи штетна последица, тој сепак лекомислено сметал дека штетната последица може да ја спречи или дека таа нема да настапи, па на тој начин предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето. Мамците со отров ги развлекло и ги јадело куче без сопственик, кое се отруло и починало.

Имајќи ги предвид сите околности, вклучително претходната неосудуваност на обвинетиот и фактот што тој веќе го признал делото пред јавниот обвинител и изразил каење, до Основниот суд во Кавадарци доставен е предлог да изрече алтернативна мерка – условна осуда со утврдена затворска казна која нема да се изврши доколку обвинетиот во дадениот временски рок не стори ново кривично дело, како и парична казна од 30 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 10 евра во денарска противвредност.“ – соопшти Обвинителството.