22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ковачевски: Деветтиот пакет антикризни мерки е тежок 662 милиони евра насочени кон ранливите категории на граѓани, младите, пензионерите и компаниите

„На денешната владина седница го усогласивме деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра. Овој пакет содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза“ рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција.

Тој додаде дека со мерките се опфаќаат 120 000 млади лица, над 74 000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187 000 пензионери, 40 000 земјоделци, речиси 540 000 корисници на апликацијата Mој ДДВ, 600 00 домаќинства, како и над 70 000 компании.

„Со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени пак над 338 000 пензионери и и 106 000 вработени во администрацијата. Јас како премиер ги исполнувам дадените ветувања, повеќе пати досега кажав дека никој нема да оставиме сам и стојам позади оваа изјава, која ја дадов уште на почетокот на мојот мандат“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека за граѓаните, домаќинствата и земјоделците се издвоени над 156 милиони евра, а се обезбедува и поддршка за зголемување на ученичкиот стандард, за основците и средношколците од ранливите категории на семејства со примања до 50 илјади денари.

„Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра“ рече Ковачевски.