27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Земјите кандидати за проширување на ЕУ остануваат цел на дезинформациите на Кремљ

Хибридните закани, вклучувајќи дезинформации, манипулации и сајбер напади, особено против критичната инфраструктура, остануваат политички и безбедносен предизвик за земјите од проширувањето. Потребно е да бидат вложени дополнителни напори во затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, како и активности за градење општествена отпорност против тие и други форми на хибридни закани.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Извештаите на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија и на земјите од регионот во евроинтеграциите и понатаму високо на агендата ги ставаат заканите од дезинформации и странското влијание во државите од Западен Балкан.

Европската комисија во извештајот за Македонија укажува на повеќе препораки како состојбите да се подобрат и како да се подобри разбирањето на јавноста за ризиците од дезинформации, како и вештините за медиумска писменост во општеството.

ЕК нотира земјата ја има донесено Стратегијата за градење на отпорност и справување со хибридни закани како и Акцискиот план кој произлегува од стратегијата за периодот 2021-2025 и дека тоа се „значителни напори“ во оваа област. Истовремено во извештајот се укажува и на потребата да бидат вложени дополнителни напори во затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации. Европската комисија препорачуваат да се преземат и активности за градење општествена отпорност против тие и други форми на хибридни закани.

Генератори за дезинформации во соседството
И во севкупниот извештај за сите кандидати за членки на Европската Унија наречен „Комуникација за политиката на проширување на ЕУ за 2023 година“ се посветува посебно внимание на борбата со дезинформации, странско мешање и сајбер закани.

„Хибридните закани, вклучувајќи дезинформации, манипулации и сајбер напади, особено против критичната инфраструктура, остануваат политички и безбедносен предизвик за земјите од проширувањето. По големиот пораст минатата година по руската агресивна војна против Украина, овие закани продолжуваат да претставуваат значителен ризик и за ЕУ и за земјите кандидати за членки. Како што се развиваше руската целосна инвазија во Украина, така се развиваше и ширењето на различните наративи на Кремљ во земјите на проширувањето, со различни резултати. Овие се особено ефективни во Србија, каде што дел од локалните медиуми и некои мејнстрим политички сили шират проруски наративи, вклучително и низ регионот на Западен Балкан“, се истакнува во годишниот преглед на ЕК во однос на ова прашање.смета Комисијата.

Говорот на омраза, таблоидното и клик бејт новинарство, личните податоци и етиката во новинарството се само дел од темите кои два дена се дебатира на регионалниот состанок на саморегулаторните тела од Југоисточна Европа што се одржа во Белград. Новинари, медиумски работници, професори, експерти и членови на саморегулаторните тела дискутираат и наоѓаат решенија за клучните проблеми кои од локални стануваат глобални.

Црна Гора, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина ги претставија клучните проблеми во медиумската сфера и впечатокот е дека речиси сите се соочуваат со слични или идентични проблеми – таблоидното новинарство, недоволната регулација на онлајн медиумите и штетата што ја предизвикуваат дезинформациите беа посочени како клучни проблеми од речиси сите држави во регионот.

„Масовното медиумско насилство, говорот на омраза, кршењето на правото за лични податоци, сето ова се важни прашања и тие треба да нè водат, да го ојачаме и заштитиме новинарството од дезинформации и од клик бејт новинарство. Видете ги таблоидите во Велика Британија, точно е дека тие известуваат посензационалистички, но и понатаму го почитуваат етичкиот кодекс. Значи, тоа е возможно. Во Белград имаме по 663 претставки месечно за говор на омраза во медиумите. Позитивна работа е што во Законот за јавно информирање сега е вметната и саморегулацијата, нешто што само неколку држави го имаат направено и ние ќе ја следиме неговата имплементација“, рече на конференцијата во Белград Јан Брату, шефот на мисијата на ОБСЕ во Србија.

НАТО и ЕУ како сојузници против пропагандната и војната со дезинформации на Москва
Борбата против дезинформациите и манипулацијата со злонамерни инфромации беше една од темите во рамките на турнејата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во земјите од Западен Налкан.

По состанокот со босанската власт во Сараево Столтенберг рече дека е загрижен поради руското влијание и реториката на поделба во Босна и Херцеговина“, што секако има влијание и на безбедноста на целиот регион.

„Загрижени сме поради сецесионистичката и реториката на поделба, како надворешното влијание, особено на Русија. Тоа се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослаби реформите. Сите лидери мора да работат на единство и мораат да работат на напредок“, изјави Столтенберг во Сараево и на сите други средби во Белград, Приштина и Скопје нагласуваше дека за ова, како и за останатите безбедносни прашања, НАТО останува да биде близок партнер со земјите од Западен Балкан.

Овие пораки на Столтенберг се израз на поддршка што во контиунитет пристигнуваат од НАТО и од земјите членки на Алијансата, особено после руската воена агресија на Украина и пропагандната и војната со дезинформации што Москва ја спроведува паралелно со воените дејствија против Кијев.

„Обезбедуваме помош и поддршка за Северна Македонија која се соочува со различни видови хибридни и кибер-закани. Поддршката што НАТО и сојузниците се подготвени да ѝ ја понудат на Северна Македонија вклучува техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во април оваа година на министерскиот состанок на НАТО во Брисел.

Тогаш јавноста беше информирана дека експертски тим на НАТО и Владата во Скопје договориле сет од различни чекори за поддршка на Северна Македонија во одбраната од хибридните напади со кои се соочува кои вклучуваат техничка и посилна соработка за борба против дезинформациите.

Од друга страна Европската комисија на почетокот на овој месец кога ги комуницираше извештаите за напредокот во евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан потсети дека ЕУ обезбедува поддршка преку ИПА и Инструментот за надворешна политика за зајакнување на отпорноста на партнерите од Западен Балкан да се соочат со хибридни закани, вклучувајќи сајбер и странски манипулации и мешање со информации.

Во таа насока, деновиве Фондацијата Метаморфозис ја лансираше новата веб-страница – Мрежа против дезинформации на Балканот, Antidisinfo.net.

Оваа веб-страница е витален ресурс за јавноста, новинарите и креаторите на политики со цел откривање на странското малигно влијание на Западен Балкан преку разоткривање и мапирање на протокот на дезинформации и пропагандата што потекнуваат од надворешните актери низ регионот.

„Мрежата против дезинформации на Балканот континуирано спроведува детална и сеопфатна проверка на фактите, поттикнува истражувачко новинарство и подготвува анализи во кои ги разоткрива и мапира дезинформациите и пропагандата, а кои се достапни на веб-страницата antidisinfo.net за да ѝ помогнат на јавноста, новинарите и креаторите на политики да се справуваат со дезинформациите и мисинформациите во регионот“, велат од Фондацијата Метаморфозис.

Оттаму додаваат дека преку новата веб-страница, јавноста ќе добие пристап до материјали од ресурсната база на податоци, која претставува богат извор на податоци од регионот поврзани со протокот на дезинформации и пропагандата.

Мрежата против дезинформации на Балканот е заедничка иницијатива на шест партнерски организации од регионот на Западен Балкан кои се посветени на промовирање транспарентност и точност во медиумскиот простор и интегритет.

Извор: Racin.mk