27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: 97.8% од корисниците нема да осетат никакво поскапување на струјата

„Најголемиот број на корисници на електрична енергија не треба да се загрижени дека цената или ударот од било каква нова одлука ќе биде на нивен грб. Во блок тарифите еден и два спаѓаат 97,8 отсто од граѓаните, а интервенции би требало да има, секако откако ќе каже Регулаторната комисија, во блок тарифата три и блок тарифата четири каде се поголемите корисници, кои спаѓаат во категоријата на поимотни граѓани“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „Трилинг“ на ТВ24.

Тој додаде дека во еден од договорите со ММФ е предвидено постепено да се намалуваат субвенциите за струјата, но не кон граѓаните, туку кон ЕСМ.

„На крај цената или негативните импликации нема да паднат кај граѓаните. Затоа сметам дека не треба да бидат загрижени граѓаните“ рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека ќе продолжи и субвенционирањето на топлинската енергија, а за висината на субвенцијата пресметките се прават во моментов во Владата.

„Регулаторната комисија има одлука за цена, но таа е несубвенционирана. Наредните десетина дена, пред првите сметки, ќе има финална одлука за тоа колкав ќе биде процентот на субвенционирањето“ рече Битиќи.