Centar.mk
МАКЕДОНИЈАвест

Шукова: Повеќе компонентниот проект за изградба на пречистителна станица во Гевгелија е пример за успешна соработка во интерес на државата, граѓаните и животната средина

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, заедно со амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман, амбасадорката на Грција Н.Е. Софија Филипиду и градоначаникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, денес ја посетија локацијата на пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија и направија увид во реализираните активности од последната фаза на проектот: чистење и затварање на дивата депонија и изградба на фотоволтаичната централа за потребите на пречистителната станица.

Реализацијата на овој исклучително важен инфраструктурен проект е резултат на соработката на три држави: Швајацарија, Грција и Северна Македонија и на активното учество на општина Гевгелија и нејзиното јавно комунално претпријатие.

Проектот „Изградба на Пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија“ е исклучителен проект кој покажа како со добра и посветена соработка можат да се постигнат повеќекратни продобивки и одржливост.

Пречистителната станица за отпадни води придонесува за подобрување на условите за живот на граѓаните на две држави и за заштита на животната средина со испуштање чиста вода во реката Вардар. Таа значи приближување на Северна Македонија до Европската Унија и барањата на европските директиви за води, а успешното затворање на депонијата ѝ овозможува на општина Гевгелија да управува со својот цврст отпад – кој сега се депонира на санитарна депонија – на побезбеден и поодржлив начин.

Во текот на реализација на проектот кој содржи повеќе компоненти, направена е прераспределба на швајцарските средства и финансирање на инсталацијата на фотоволтаична централа која покрива околу 30% од потребната електрична енергија за пречистителната станица и оттука овозможи делумно самопроизводство на електрична енергија.

„Овој проект е симбол на една успешна соработка, проект кој просторот на една црна еколошка точка во општина Гевгелија го претвори во еко-средина по највисоки стандарди“, истакна градоначаникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, додавајќи дека проектот содржи и развојна компонента, со тоа што е предвидено да ги задоволи потребите на градот до 2036 година, а дополнително со овој проект општината добива важен атрибут кој е неопходен за натамошните развојни планови.

Министерката Шукова во своето обраќање истакна дека овој проект покажува дека државата, локалната самоуправа и нашите партнери, држави членки на ЕУ и оние што не се како Швајцарската Конфедерација, имплементираат проекти со повеќе компоненти што се во интерес и на државата и на животната средина.

„На овој начин го исполнуваме законодавството што е усогласено со тоа на ЕУ, што е приоритет на Владата, но верувам и на секој граѓанин на државата. Се надевам дека вакви успешни проекти што имаат повеќе компоненти ќе остваруваме и понатаму и се надевам дека она што го направиваме ќе се одржува и тоа не само од јавното комунално претпријатије, туку и од сите граѓани“ порача Шукова од Гевгелија.

“Овој проект е посебен поради неколку причини. Тој успешно се приспособи и ги надмина неочекуваните предизвици, особено значителното зголемување на тарифите за енергија што ги доведе во опасност работењето и финансиската исплатливост на пречистителната станица и успеа да ја затвори нестандардната депонија“ истакна амбасадорката на Швајцарија Н.Е Вероник Улман, додавајќи дека сите партнери го исполнија својот дел од договорот и можеме да бидеме горди што овие заеднички напори доведоа до успешна реализација на проектот. На крај таа ја охрабри општина Гевгелија и Јавното претпријатие да продолжат со напорите и дополнително да го прошират капацитетот на соларните панели со цел да се намалат на минимум тековните трошоци.

„Грција е присутна во овој проект од 2001 година, а има придонесено со 2 милиони евра. Заедно со првичниот проект за изградба на Пречистителна станица за управување со води кој заврши во септември 2018 година, затворањето на депонијата и изградбата на заштитниот ѕид на брегот на Сува Река се сеопфатен одговор на клучниот локален, па дури и прекуграничен еколошки предизвик“ рече амбасадорката на Грција Н.Е. Софија Филипиду .

Проектот е финасиран од владите на Швајцарската Конфедерација, на Република Грција, Република Северна Македонија и општина Гевгелија.

Можеби ќе ве интересира

Лишен од слобода гевгеличанец, превезувал шест мигранти и излетал од патот

ДЕСК

Таксист натепан во Скопје

ДЕСК

Лишени од слобода пет возачи за безобѕирно управување возило, двајца возеле без возачка дозвола, други двајца со активна забрана за управување возило

ДЕСК