25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Најголемите македонски компании за 9 месеци забележале кумулативен износ на добивка од 271 милион евра

Македонската економија, според последните финансиски показатели успева да се одржи на добро ниво. Според сите релевантни институции, македонските компании успеале да покажат жилавост на последните случувања во Светот, кога се војува на два сегмента од Европа и Азија.

Според информациите од македонската берза, во првите девет месеци од вкупно 94 котирани компании, 69 рапортирале добивка за првите девет месеци од годината во кумулативен износ од 271 милиони евра што е пораст од околу 16% во споредба со истиот период од минатата година. Во тие рамки, само вкупната добивка на десетте најликвидни компании што го сочинуваат индексот МБИ10 изнесува околу 198 милиони евра или околу 73% од сите котирани компании кои оствариле добивка“.

Берзата дава информации и дека финансиската состојба е добра и кај компаниите и кај населението. Од Министерството за финансии се пофалија дека двете државни обврзници поминале одлично, односно државата собрала повеќе пари од предвиденото, а истото го потврдуваат и од официјалниот пазар за тргување, македонската берза.

„Во контекст на актуелното расположение за инвестирање во хартии од вредност на нашиот пазар, многу е индикативно неодамнешното издавање на двете емисии на граѓанските обврзници и од тоа може да се заклучи дека постои интерес за добри финансиски инструменти кај домашните инвеститори. Предизвикот е на страната на понудата“, сметаат од берзата.

Па затоа, велат од таму, Берзата става акцент на подобрување на постојната понуда, преку проекти како што се новиот Кодекс за корпоративно управување, вградување на ЕСГ стандардите кај компаниите, континуираните нивелации на правилата за котација и обелоденување, инсистирање на повеќе информации на англиски јазик, организирање на роад шоуа и анимирање неакционерските друштва да се подготват организациски, кадровски и суштински за среднорочно излегување на берза (Клубот БУМ – Берзата и Успешните во Македонија).

Игор Мицкоски
Извор: 24info.mk