Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е во работна посета на општина Прилеп, каде што извршија увид во реконструкција на локалната улица Леце Котески.
Реконструкцијата на оваа улица е дел од проектот за поврзување со локални улици и патишта, кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски и преку кој им се дава директна поддршка на локалните самоуправи во вкупна вредност од 70 милиони евра за реконструкција на локални улици и патишта во општините.
„Почнавме со реконструкција на оваа улица, каде што, на мое големо задоволство, гледаме дека работите на терен се интензивираат. Со забрзано темпо се продолжува со поставување нов слој асфалт на улицата, каде што се изведува нова пешачка и велосипедска патека во должина од 2 километра. Со оваа динамика очекуваме зафатот да заврши во предвидениот рок. Со рехабилитацијата на оваа улица го подигнуваме нивото на безбедноста за сообраќај и овозможуваме побрза комуникација со жителите од Прилепскиот Регион“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, при денешниот увид на реконструкцијата на улицата Леце Котески во Прилеп.
Притоа премиерот Ковачевски додаде дека за реализација на овој проект се обезбедени речиси 800 илјади евра.
„Реконструкцијата на улицата Леце Котески е дел од проектот за поврзување со локални патишта во општините за што се инвестирани 70 милиони евра, а досега се опфатени над 140 улици во над 60 општини. Инвестираме насекаде во целата држава, се грижиме за рамномерен регионален развој. Ги подобруваме условите за живеење во општините, ја зголемуваме нивната финансиска независност. Бидејќи развиени општини значат силна економија“, потенцира премиерот Ковачевски.
Министерот Бочварски потенцира дека динамиката на изградба е според планот на изведувачот. Досега се асфалтирани 800 метри од вкупно 2.000. Во наредните две недели цела должина ќе биде асфалтирана со прв слој асфалт, со што понатаму продолжуваат градежните активности за изградба на тротоарите и велосипедската патека. Оваа инвестиција е дел од вкупниот инвестициски циклус за Прилеп и Пелагонија во изградба и модернизација на патната мрежа.
„Владата преку Министерството за транспорт и врски продолжува силно да ги поддржува локалните самоуправи обезбедувајќи им неповратни средства за реализација на голем број проекти во патната инфраструктура, кои носат значаен бенефит за сите граѓани. За реконструкцијата на улица Леце Котески вложуваме речиси 50 милиони денари, а ова е втора улица што ја реконструираме во Прилеп по улицата Мице Козар, чија реконструкција е веќе завршена. Тука на дел од улицата веќе е поставен прв слој асфалт, а во овој момент се врши тампонирање и припрема за асфалтирање и на преостанатиот дел од трасата, како и на тампонирање на тротоарските површини. Прилепчани да бидат уверени, добиваат најбезбедна и модерна патна врска во градот“, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот Бочварски исто така информира дека на владина седница е одобрен првиот инфраструктурен проект во должина до 29 километри за изградба на автопатот Прилеп – Битола.