1.8 C
Скопје
11. декември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

ИЗИС: Универзална сала се соочува со ризик да се сруши, таа е ризик за скопјани

Од Министерството за култура не информираа дека и покрај неколкуте обраќања и обиди работите да се поместат и да се спроведе одлуката на Советот на градот, од канцеларијата на градоналничката продолжува молкот по оваа иницијатива. Со одлагање на продолжувањето на реконструкција на Универзална сала растат ризиците за штети на веќе спроведените зафати и го прави објектот ризик по безбедноста на граѓаните.

Зоран Бојаровски

Советниците на Град Скопје на 20 јули оваа година изгласаа инцијатива градот времено да ја отстапи Универзалната сала на Министерството за култура за да ја доврши реконструкцијата на објектот откако градоначалничката Данела Арсовска прво ги запре работите кои веќе беа започнати во мандатот на нејзиниот претходник Петре Шилегов.

Но, иако за примопредавење на надлежноста за Универзална за да продолжи рекострукцијата беше утврден рок од седум (7) дена, овие денови изминуваат четри (4) месеци, а од спроведување на оваа обврска на Град Скопје нема ништо, а со тоа нема ништо ниту од почетокот на работите на обновата на салата.

Од Министерството за култура не информираа дека и покрај неколкуте обраќања и обиди работите да се поместат и да се спроведе одлуката на Советот на градот, од канцеларијата на градоналничката продолжува молкот по оваа иницијатива.

Во меѓувреме, дополнуваат од Министерството за култура со одлагање на продолжувањето на реконструкција на Универзална сала растат ризиците за штети на веќе спроведените зафати заради изложеноста на објектот на атмосферските влијанија.

Пред две недели, на брифингот со новинарите, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска информираше дека уште во месец јуни добила две известувања од Институтот за земјотресно инженерство дека Универзална сала веќе е во опасност да падне.

„Многу долго е отворена, многу долго е со скелиња, ни следи време на зима, дождови, снегови и (од ИЗИС н.з.) викаат дека мора да се затвори. Затоа јас неколку наврати се јавив и апелирав. И на последниот прес кога бевме со градоначалничката кога ја прашаа неа таа рече дека службите се подготвуваат“, укажа тогаш на брифингот со новинарите министерката за култура.

Од Министерството за култура ни укажаа дека и тоа што е сработено на Универзална сала ќе пропадне ако не се преземе ништо. Дополнително, додека се одлага примопредавањето во времено владение на министерството се одлага и рестартирањето на реконструкцијата затоа што за да продолжат работите ќе треба да се направи увид во состојбата што исто така ќе одземе време.

„Природата на материјалите кои се користени таму, се такви што може да настане корозија и оштетување, што може да предизвика штети на веќе сработеното. Тоа може да се упропасти да треба од почеток да се работи“, велат од Министерството за култура.

Од таму уште предупредуваат дека „напуштеното градилиште е безбедносен ризик за Скопјани, бидејќи еден посилен ветер може да предизвика да ја загрози безбедноста на Скопјани“.

Од Министерството за култура велат дека молкот од Град Скопје, односно од канцеларијата на Данела Арсовска, ја прави целата ситуација неизвесна, а секој нов ден без поместување напред ја усложнува ситуацијата и останува непредвидливо кога ова прашање би можело да се реши.

Универзална сала е затворена 8 години, а градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста според планираното во 2022 година требаше да се уреди внатрешноста.

Сепак ништо од ова не се случи бидејќи отако Арсовска стана градоначалник, градежните работи беа прекинати, а таа го обвини претходното раководство дека е виновно што салата не се гради оти направило небезбеден проект.

Арсовска ова го тврдеше и кога јавно упадна на прес конференцијата на Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка и пред камерите се искара и со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).

Извор: Racin.mk