4. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Меѓународен ден за толеранција: ЦИВИЛ повикува да се стави крај на војните и доследно почитување на меѓународното право, принципите за толеранција и човековите права и слободи

Меѓународен ден за толеранција: ЦИВИЛ повикува да се стави крај на војните и доследно почитување на меѓународното право, принципите за толеранција и човековите права и слободи

  • 16 ноември, Меѓународен ден за толеранција
  • Толеранцијата не е ниту попустливост, ниту рамнодушност
  • Почит за богатата разновидност на културите
  • Почит за различните форми на изразување и начини да се биде човек
  • Признавање на универзалните човекови права и слободи.

Во 1996 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата 51/95 со која 16 ноември се прогласува за Меѓународен ден за толеранција.

Оваа акција следеше по усвојувањето на Декларацијата за принципите на толеранцијата од страна на земјите-членки на УНЕСКО на 16 ноември 1995 година.

Меѓу другото, Декларацијата потврдува дека толеранцијата не е ниту попустливост, ниту рамнодушност.

Толеранција значи почит за богатата разновидност на културите на нашиот свет, различните форми на изразување и начини да се биде човек. Дел од принципите на толеранцијата е и признавање на универзалните човекови права и слободи.

Луѓето се природно различни; само толеранцијата може да обезбеди опстанок на мешаните заедници во секој регион на земјината топка.

Светот живее во екот на бруталната руска агресија против Украина и ужасните страдања на цивилното население во Појасот Газа во војната што ја поведе Израел по терористичките напади на Хамас врз израелските цивили на 7 октомври. Не смее да се заборави дека во светот има и повеќе други крвави воени жаришта и конфликти.

Во такви услови, Меѓународниот ден за толеранција изгледа само како трагичен потсетник за тоа колку меѓународните декларации и правни норми се спротивни на реалноста. Руската федерација е дел од меѓународните структури, меѓу кои е и Советот за безбедност на ОН, каде што е постојана членка со право на вето (!). Лицемерието и цинизмот на Кремљ се огледува и во фактот дека, среде брутални напади против цивилното население на независна и суверена Украина, покренува „мировни иницијативи“ за Појасот Газа, при очигледна вмешаност во ескалацијата на тој конфликт и избивањето на суровата војна.

По повод Меѓународниот ден за толеранција, ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува меѓународните институции и организации:

Да стават крај на насилствата и војните и да преземат акции за почитување на декларациите и меѓународното право; и
Да ги почитуваат принципите за толеранција и почитување на човековите права и слободи.
ЦИВИЛ ги повикува и институциите на државата, Република Северна Македонија, да го искористат овој ден и да рефлектираат за принципите на толеранцијата, за мултиплицирање на успешните приказни, но и да ги согледаат недостатоците во политиките и практиките во оваа исклучително важна област за општествено политичкото живеење на земјата.

Воедно, ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да се придржуваат кон принципите на толеранцијата, што подразбира почит за различностите и човековите права и слободи на сите, без оглед на потеклото, припадноста, определбите и ориентацијата на секој поединец или група во општеството.

Граѓанските организации и медиумите имаат обврска да ги почитуваат и да ги промовираат принципите на толеранцијата во општеството.

Извор: Civilmedia.mk