24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шаќири: Направивме значаен исчекор во образованието на јазиците на помалубројните заедници, секој ученик има право да го достигне својот полн потенцијал

Во изминатиот период како држава направивме значителен напредок во делот на употреба на јазиците на помалубројните заедници во образованието. Оваа констатација во „Анализата на состојбата во образованието на помалубројните заедници“ ја посочи министерот за образование и наука Јетон Шаќири во обраќањето на јавна презентација на наодите од истражувањето што го спроведе Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Ако го отворите Наставниот план за оваа учебна година во основно образование, ќе видите дека тој се применува и во паралелките со настава на турски и српски јазик, а дека за паралелките на босански јазик, се применува сукцесивно од прво одделение од учебната 2018/2019. Исто така, учениците припадници на влашката, ромската, бошњачката, српската и турската заедница, во согласност со родителите, може да го изучуваат мајчиниот јазик и култура како изборен предмет. Ова е нашето богатство, ова е тој исчекор“, нагласи министерот Шаќири.

Еден од стратешките приоритети на Министерството за образование и наука е создавањето образование кое е во најдобар интерес на секое дете, кое овозможува секој ученик да го достигне својот полн потенцијал. Укажувајќи на ова, Шаќири рече дека можноста да учат на мајчин јазик од најрана возраст, на децата кои се припадници на помалите етнички заедници им дава можност да имаат подобри резултати од учењето, а тоа пак значи намалување на разликите во образованието.

Министерот наведе дека останува уште многу работа за поуспешна реализација и унапредување на образованието, зашто со широкото прифаќање на образованието на мајчин јазик, градиме општество во кое секој поединец има подеднаква можност да напредува, без оглед на неговото јазично или културно потекло, и тоа е вткаено во визијата за квалитетно образование.