Во официјална посета на нашата земја престојуваше министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Во фокусот на разговорите со министерот за надворешни работи беше европската интеграција како најважна стратешка цел на нашата земја, при што беа реафирмирани недвосмислената поддршка на Романија и подготвеноста за конкретна помош.
„Отворањето на кластерите и поглавјата во рамките на пристапниот процес е од егзистенцијално значење за нашата држава бидејќи придонесува за побрз економски развој и побрза економско-социјална конвергенција со државите од ЕУ. Од друга страна, пак, новиот план за развој за Западен Балкан и можноста за приклучување кон единствениот пазар на ЕУ се инструментите со кои Европската Унија ја остварува постепената интеграција или она што ние го нарековме повеќе интеграција пред членство во ЕУ“, истакна Османи предочувајќи дека усвојувањето на уставните измени е единствена домашна задача што нѐ дели од забрзаната евроинтеграција, која сѐ повеќе станува императив за самата Европска Унија во дадениот геополитички момент.
На билатерален план беа разгледани можностите на интензивирање на соработката со цел негување и збогатување на традиционалните пријателски и партнерски односи меѓу двете држави, засновани на доверба и почитување. Во таа насока двајцата министри потпишаа протокол за соработка во областа на образованието и акциски план за соработка меѓу министерствата за надворешни работи за периодот 2024 – 2025 година.
„Би сакал овде уште еднаш да му се зблагодарам и на парламентот на Романија, кој го утврди 8 Декември – Св. Климент Охридски, за Ден на македонскиот јазик, со цел зачувување на традициите, културата и на мајчиниот јазик на лицата припадници на македонското етничко малцинство во Романија“, рече министерот.
Министрите изразија задоволство и од соработката во рамките на НАТО, особено акцентирајќи го значењето на нашето воено учество како дел од структурите на мултинационалната борбена група во активностите на НАТО за зајакнување на неговото источно крило во Романија.
Соговорниците се осврнаа и на последните состојби во регионот на Западен Балкан, на руската воена агресија врз Украина, како и на разгорувањето на кризата на Блискиот Исток, а во контекст на можните безбедносни и економски последици за земјите од регионот.