Безброј ветени проекти на локалните избори пред две години, а слаба или никаква реализација, се жалат граѓаните.
Проекти нема, но има поскапувања на јавните давачки во речиси сите општини низ државата.
Во Битола поскапи сметки за данок на имот, а ги нема ветените училишта, спортски комплекси…
Битолчани со доаѓањето на новата локална власт плаќаат повисоки сметки за данок на имот и за 300 проценти.
Поскапен е паркингот во градот, а слободните 15 минути се укинати. Покрај поскапувањето, ги нема ветните нови паркинг места во Битола.
Во изборните програми кандидатите ветуваа и нови инвестиции, работни места, гасоводи…
Во Битола нема некоја поголема инвестиција, а гасоводот и топловодот иако се пред градот, не е изградена ниту педа од од топловодната и гасоводната мрежа низ Битола.
Го нема ниту ветеното ново основно училиште, не е изградена нова зграда за пожарникарите, ниту пак е направен нов мултифункционален спортски комплес, проекти ветени пред граѓаните.
Ветување имаше и за реконструкција на планинарски дом Копанки, но и тоа не е исполнето.
Во нова Битола, според изборните програми, требаше да се изгради и нов парк со авантуристички содржини, но по две години е направено паркче неколку пати помало од ветеното.
Во Охрид ги нема ветените градинки, катна гаража, станица за отпад, но има поголеми сметки за граѓаните
Охриѓани плаќаат повисоки сметки за над 40 проценти. Поскапе паркингот, зголемени цените за услуги на градски пазар, а зголемена е и цената и на гробарината и на гробните места за 75%.
Во изборните програми ветена беше нова градинка и обнова на постоечките, но ова ветување не е исполнето.
И покрај дадените ветувања не е изградена нова станица за отпад, нема нова катна гаража, не е обновен плоштадот Крушевска Република.
Ги нема ниту ветените 4 терени за кошарка и новите спортски терени. Нема набавка на специјален пловен објект наменет за чистење на Охридско езеро од отпадоци, не е воведен бесплатен превоз за пензионери…
Многу ветувања, слаба или никаква реализација. Проектите остануваат во изборните програми, наместо на дело.