24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Им помина половина од мандатот, а клучните ветувања останаа неисполнети: Со што можат да се пофалат градоначалниците на Неготино и Штип?

Пред 2 години кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Создади нова иднина“ излегоа со амбициозни програми за развој на општините, но граѓаните не гледаат резултати на дело.

Нема проекти, но има повисоки сметки за граѓаните во повеќе општини, меѓу кои е и Неготино, каде граѓаните плаќаат поскапи сметки за дури 100 проценти. Покачени се давачките за данок на имот, а поскапеа и комуналните услуги.

Во изборната кампања во Неготино беше ветен нов рекреативен Центар кај спортската сала Младост, но засега проектот останува само на хартија.

Нема нов плоштад во градот, а го нема ниту најавениот нов градски пазар, иако според информациите, минатата локална власт оставила комплетна документација за овој проект.

Не е реализирано ни ветувањето за резервоар и потисен цевковод во Тревник, иако пари се обезбедени од централната власт.

Ветени проекти многу, а слаба или никаква реализација. Ситуацијата е слична и во други општини низ државата.

Нереализирани проекти и повисоки сметки и за граѓаните на Штип

По доаѓањето на новата локална власт и штипјани плаќаат значително поголеми сметки.

Историски најголемо зголемување има на сметките за собирање смет, за 110%, зголемена е и цената за одржување на градското зеленило. Цената на паркингот во центарот на градот е зголемена за 50 отсто.

Во Штип останаа нереализирани ветувањата за огромен градски парк со езера, ги нема ветените места за спортување и одмор кај Мирјанина црква. Не е решена дивата депонија, а не продолжен ниту булеварот Партизанска.

Во кампањата се ветуваше и изградба на достоинствено место за претстој на улични животни, проект кој се уште не е реализиран.

Ветени беа и униформи за учениците од основно образование, нови компјутери, но и здрав оброк за секое дете. Од ова се уште не е ништо исполнето.