10.8 C
Скопје
3. декември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Шукова: Воспоставување на основна инфраструктура за управување со отпад е главниот еколошки предизвик на Северна Македонија

Воспоставување на основна инфраструктура за управување со отпад е главниот еколошки предизвик на Северна Македонија, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, одговарајќи на новинарски прашања, во рамките на третиот форум за социо-еколошка трансформација кој се одржува во Скопје, а учесниците разговараат за можностите, но и предизвиците кои се последица на преминувањето од конвенционален енергетски систем кон систем на чиста енергија.

Таа нагласи дека законот е донесен веќе дваесетина години, но поради многу слабиот напредок од страна на општините во таа насока државата го презеде регионалното управување со отпад.

– Работиме активно во моментов на седум региони во државата. Осмиот е Скопскиот, останува за подоцна, бидејќи таму ќе требаат многу поголеми финансиски средства. Работиме на воспоставување на основна инфраструктура, со примарна селекција. Да ги намалиме количините на отпад, што ќе ги депонираме финално на новите централни депонии, што ќе бидат по европски стандарди. За овие седум региони, ќе бидат четири. Три нови и рехабилитација на Русино, за извесен временски период, додека не се најде нова локација или се обезбеди проект за проширување на Русино, изјави Шукова.

За квалитетот на воздухот, потенцира дека е започнат нов проект финансиран од Европската Унија што ќе се спроведе во Скопје, Куманово, Тетово и Битола. Ќе има неколку компоненти.

– Најголемата, од околу 5. 5 милиони евра, ќе биде за замена на нееколошки со еколошки системи, во јавните објекти. Мапирање, како што рече, се правело веќе подолг временски период. Еве гледаме дека и невладиниот сектор исто така активно се вклучува. Ги поканивме секако, заедно да го направиме тоа. Сѐ уште има јавни објекти каде што треба да се заменат нееколошките системи. Го правевме тоа до минатата година, го правиме и оваа, продолжуваме, овојпат со европски пари, нагласи Шукова.