25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Извештајот на ЕК е добар, ќе беше уште подобар ако имавме и подобра опозиција

Извештајот на ЕК е добар, ќе беше уште подобар ако имавме и подобра опозиција

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Во најновиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија има драматични работи за кои, ние со години предупредуваме, алармираме и зборуваме. И како по некое непишано правило, не можете да добиете подобар извештај, ако имате така лоша и некооперативна опозиција. Кога би имале подобра опозиција од Владата, ќе имавме и подобар извештај.

Ајде на почеток да тргнеме со добрите вести: во извештајот јасно стои дека Европската комисија цврсто верува дека проширувањето останува клучна политика на Европската унија, а посебно ќе се залага за полноправно членство на Западниот Балкан во ЕУ бидејќи тоа е дел од политичките, економските и безбедносните интереси на Унијата.

А, што се однесува до нас, тука, во оваа и наша Македонија, работите стојат вака: имаме алоцирани пари за реформите (6 милијарди евра за целиот Балкан, а од тие пари, за нас се предвидени 1 милијарда евра); извештајот во основа е слика за нас, за нашето лице, за нашиот карактер и нашиот потенцијал.

Сите теми кои се нотирани во извештајот на Европската комисија им се познати на граѓаните. Сè што е нотирано во извештајот, државата има механизми да се справи со предизвиците. Затоа што само така е исправно и добро, затоа што само така треба да работи државата.

Натаму, во 81% од поглавјата, земјата има напредок. Во однос на подготвеност во поглавјата, 90% се со соодветно ниво на подготвеност, што претставува одличен процент. Покрај парите (1 милијарда евра за реформи), ни се овозможува пристап до заедничкиот европски пазар, така што заедничките производи и услуги слободно ќе се пласираат на единствениот Европски пазар. Исто така важно е да се потенцира: планот за економски раст на земјата е на барање на Владата на Северна Македонија – може да ги користиме привилегиите и можностите на Европа пред да бидеме официјално зачленети, поточно, економските придобивки ќе траат додека се одвиваат преговорите за зачленување.

Целта на Европската унија и Владата на Северна Македонија е, до 2024 година, да го добиеме нашиот дел за реформи, поточно да добиеме средства кои изнесуваат една милијарда евра.

Имено: „Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот“. Ова не значи дека работата држава ја завршила. Напротив, скрининг процесот ни дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата кои треба да се спроведуваат, и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус.

За да го претвориме Извештајот во акција, треба да се работат патоказите: владеење на право (1), реформи во администрацијата (2) и функционирање на демократските институции (3). Ова практично значи влез со една нога во ЕУ.

Пример за тоа се потешките процеси кои се детектирани од наша страна и дека на нив треба да се работи како би се нашле соодветни решенија, а тоа е преку работата на Судскиот совет. Поради тоа што проблемот е констатиран, а тој се наоѓа во функционирањето на Судскиот совет, Владата побарала оценска комисија на ЕУ.

Во делот на функционалност на демократските институции, ЕК посочува дека е потребно да има конструктивен и инклузивен политички дијалог во Собранието, особено за реформите поврзани со ЕУ. Се укажува на потребата да се донесат уставните измени, како и обврските од Дијалогот „Жан Моне“.

Во однос на граѓанското општество се потенцира дека граѓанските организации функционираат во поволна околина. Сепак има простор да се подобри правната и институционалната рамка и нивното активно вклучување во процесот на креирање политики и носење одлуки, особено во контекст на процесот на ЕУ интеграција.

Во однос на основните човекови права, останува оценката на ЕК дека правната рамка е генерално усогласена со стандардите на ЕУ. Предизвиците остануваат во делот на јакнење на капацитетите на независните тела (Народен правобранител, Комисија за заштита и спречување од дискриминација), унапредување на правата на лицата со посебни потреби, и особено во подобрување на состојбите во затворите и притворите.

Во делот на слобода на изразување и медиуми, и оваа година ЕК нотира дека генерално, опкружувањето е поволно за слободата на медиумите и дозволува критичко медиумско известување. Со измените на КЗ и новиот Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда се зголеми правната заштита на новинарите. Свесни сме дек останува предизвикот за решавање на случаите на напади и закани кон новинарите, подобрување на транспарентноста во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии и реформата на јавниот радиодифузен сервис.

Во делот за Правда, безбедност и слободи, стои констатацијата дека земјата продолжува да игра активна улога во справувањето со мешаните миграциски текови со оглед на тоа дека се наоѓа на мапата на миграциските движење. Ратификацијата на Статусниот договор со ФРОНТЕКС овозможи да се започне со заеднички активности и ангажирање на полициски службеници од земји членки на ЕУ кои помагаат во управувањето со границите и справувањето со преку-граничниот криминал.

И каде е опозицијата во сето ова? Никаде. Што опозицијата од сето ова разбира? Практично ништо. Ама сепак, нешто ме прогонува да се радувам колку немаат појма што сè треба да прави една држава, каков карактер и знаење треба да поседува за сите ние да изгледаме подобро од тоа што сме.

Јас, за разлика од нејзиниот опозиционен очај, останувам на другата страна од реката. Не ги прифаќам опозиционите лаги дека тие може да бидат алтернатива на Ковачевски и СДСМ. Велам, упорно ќе останам на другиот брег, оној човечен и европски. И додека опозицијата го вади најлошото од себе, јас останувам со моите луѓе заеднички да го вадиме најдоброто од себе.

Затоа што знам, оние кои го вадат најлошото од себе, оние за кои никогаш не е утврдено дека имаат нешто добро во себе, сепак мора нешто и тоа да е добро за нас, да има некоја смисла за она кое го работиме. И во конечноста веруваме.

Ние сме Европа, братко мил!

Или што би рекол пророкот: Let love in.

Извор: Frontline.mk