25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски: Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат, добрата регионална соработка е важна за интеграција во ЕУ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, учествуваше на 17-тиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој оваа година се одржува на Јахорина, Босна и Херцеговина.

Регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа е важна и клучен фактор во политичката стабилност и безбедност, економска соработка и економски развој на земјите од Југоисточна Европа. Успешната регионална соработка е едно од главните барања во договорите за стабилизација и асоцијација, како и дел од рамката на европската политика за идна интеграција во Европската Унија.

Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат, со поставена јасна цел за членство во Унијата до 2030 година. Преговорите со Европската Унија се веќе почнати, а билатералната средба за поглавјата од кКастерот 5 е закажана во текот на овој месец, се истакнува во официјалното соопштение.

„Како држава пред нас си имаме поставено амбициозни рамки, кои го поддржуваат усогласувањето на земјата со правото на Европската Унија. Во последните години Северна Македонија постигна голем напредок и во голема мера го усогласи своето национално законодавство со европското законодавство. Активно се работи во моментот на повеќе законски и подзаконски акти од областа на земјоделството со цел нивно усогласување со најновиот развој на европската регулатива. Тоа се законските решенија во делот на директни плаќања во земјоделството и руралниот развој. Потоа регулација на заедничкиот пазар, органско производство, земјоделското осигурување, рибарство и аквакултура, а подготвен е нов закон за вино целосно усогласен со регулативите на Европската Унија“, истакна Николовски.

Ги презентира резултатите на Северна Македонија во реализацијата на ИПАРД 2-програмата и успешниот почеток на новата ИПАРД 3-програма.

„Земја лидер сме во искористувањето на средствата од ИПАРД 2-програмата, и тоа по неколку основи, имаме најголема 100 % реализација на програмата, со нула евра поврат на средства и први во регионот ја почнавме реализацијата на новата ИПАРД 3-програма. Нашиот успех со ИПАРД го потврди и Европската Унија зголемувајќи ги за 62 % средствата на Европската Унија, со што од 60 за новата ИПАРД 3-програма на располагање имаме 97 милиони евра европски средства“, истакна Николовски.

Како држава сме горди што ИПАРД е наша успешна приказна, нагласи Николовски презентирајќи ги пред колегите министри новостите што се предвидени во ИПАРД 3-програмата. Една од новите можности што се предвидува со ИПАРД 3-програмата е авансната исплата до 50 % од висината на финансиската поддршка веднаш по потпишување на договорот. Реализацијата на новата ИПАРД 3-програма почна на 1 септември преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, каде што на располагање беа ставени и првите 30 милиони евра.

Николовски се осврна и на зелената агенда како важен приоритет во работата на Министерството нагласувајќи дека токму зелената агенда за Западен Балкан 2021-2030 претставува патоказ за одржливо земјоделство, а токму секторот земјоделство, но и руралниот развој, има важна улога во економскиот развој на државите.