23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Нов скандал со брзите кредити: Со туѓа лична карта се обидел да земе брз кредит

Четириесет и петгодишен маж од скопското село Крушопек се обидел со украдена лична карта да земе брз кредит, по што полицијата го привела.

„На 02.11.2023 околу 09.30 часот во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Чаир го лишиле од слобода лице (45) од с.Крушопек, скопско. Тој се сомничи дека одзел лична карта на лице од скопско село и во филијала на финансиско друштво на подрачје на Бутел се обидел да земе кредит, претставувајќи се дека е лицето, но од вработените бил забележан дека лажно се претставува“, информираат од МВР.

Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Дали ситуацијата е без контрола? – Во неколку месеци 65 случаи на измами со брзи кредити

Во 2022 година, евидентирани се 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити. Поднесени се 16 кривични пријави и 24 писмени известувања, при што во рамките на расветлените случаи пријавени се 24 сторители и поднесено е едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител. Годинава, во периодот јануари-јули 2023 година, пријавени се 65 случаи, за кои по преземени мерки и активности поднесени се девет кривични пријави и 30 писмени известувања, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 15 сторители, соопштија од МВР.