24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Неизгласувањето на законот за амнестија нема да ги наруши односите на коалицијата со Алијансата за Албанците, оценува Ковачевски

По недобивањето на потребната поддршка во Собранието на законот за амнестија, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека гласањето не треба да влијае врз односите во коалицијата.

Според него, запазена е целата процедура и секој можел да го искористи своето демократско право за гласање.

„Владата донесе одлука и му се даде можност на министерот за правда да го образложи законот за амнестија пред пратениците, што беше направено во текот на денешниот ден. Но, пратениците во Собранието имаат суверено право да гласаат во свое име и во име на граѓаните во однос на законските решенија што се нудат. Сметам дека е запазена целата процедура и сето она што беше кажано и сметам дека ова не треба да влијае врз односите во коалицијата, со оглед на тоа дека секој можеше да го искористи своето демократско право да ги искаже своите аргументи, а оние што го имаат правото на глас да го искористат за гласање на парламентарната сесија“, истакна Ковачевски.

Според него, уште кога бил предложен законот за амнестија, постоеле разни ставови во однос на ефектите од него.

Додаде дека интенцијата на законот била да се растоварат затворите со оглед на нивната пополнетост.

Нагласи дека ист таков закон за амнестија веќе е гласан во Собранието.

„Од друга страна, постоеја аргументи што го велеа спротивното, а тоа е дека претходниот закон не ги дал посакуваните ефекти со оглед на тоа дека најголемиот број на оние што биле амнестирани веднаш потоа биле сторители на исти кривични дела и биле повратници во затворите. И, второ, на издржување казна чекаат над 2.000 нови осуденици, што нема да доведе до растоварување на затворите и дополнително беа наведени како опции условниот отпуст, пробацијата и други мерки, кои можат да се користат со цел растоварување на затворите од преголем број затвореници“, додаде Ковачевски.