25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЈОРМ: Сите докази за Онкологија се обезбедени и веќе се предмет на анализа од стручни лица

Јавното обвинителство соопшти дека информациите изнесени денеска од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со предистрагата за Клиниката за онкологија се погрешни и можат да предизвикаат вознемирување на јавноста.

„Скопското обвинителство во рамките на предистражната постапка за предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија со барање од 13.09.2023 веднаш ги обезбеди сите изготвени извештаи од извршените вонредни надзори на Фондот за здравствено осигурување за финансиското работење на клиниката за периодот 01.01.2015 година до март 2023 година“, велат од Обвинителството.

Како што појаснуваат, не станува збор за документи од свиркачи, туку за официјални документи од државни органи достапни на истрагата. Велат дека нов тримесечен извештај за периодот до јуни 2023 година, согласно информациите добиени од Фондот, е во финална фаза на изработка и веднаш потоа ќе биде доставен до обвинителството.

„Нагласуваме дека не постои и воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година. Сите докази во предметот се обезбедени и веќе се предмет на анализа од стручни лица. Предистражната постапка не опфаќа одреден временскиот период и ги испитува сите евентуални незаконитости без разлика кога се случиле. Секој што има дополнителни сознанија за овој настан има обврска да ги пријави до надлежните органи“, велат од Обвинителството.

Од тука додаваат дека одговорност мора да има и ќе има, без разлика во кој временски период биле преземани какви и да се противзаконити дејатвија. Ја уверувааат јавноста дека било чиј јавен настап нема да ја насочи истрагата во погрешна насока.

ВМРО-ДПМНЕ претходно денес објави дека лековите за онколошките пациенти доцнеле, а за тоа никој не испратил допис и не биле раскинати договорите со добавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите, а биле купувани и складирани лекови, иако имало доволно залихи.

Партискиот лидер, Христијан Мицкоски посочи дека сите овие сознанија, кои денес беа презентирани на јавноста ќе бидат доставени до Јавното обвинителство и побара Анкетната комисија во Собранието да се прошири и да биде опфатен и овој период од извештајот.