24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Битиќи на Конференција за патната инфраструктура: Градежништвото создава голем број на економски можности во државата

„Градежништвото не е само тули, бетон и челик, туку сектор кој создава голем број на економски можности“, изјави заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на Првата конференција за патна инфраструктура „Искуства, Предизвици и Перспективи“, која се одржува во Охрид.

На Конференцијата, вицепремиерот Битиќи беше дел од вториот панел на тема, „Улогата која градежништвото ја има во економскиот развој на земјата“, при што рече дека овој сектор на економијата не е поврзан само со економијата, туку со севкупниот развој на државата.

„Градежништвото не го гледам како одвоен, засебен сектор, туку како многу повеќе, 25 гранки се од овој сектори или се поврзани, кои директно или индиректно имаат улога во развојот. Но важно е, која е додадената вредност која ја што си ја поставуваме“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој потенцираше дека не може да се зборува за децентрализација без инвестирање во инфраструктурата и намалување на диспаритетот меѓу регионите.

„Неинвестирањето во патната инфраструктура е една од суштинските причини која предизвикува неадекватен и нерамномерен развој“, рече вицепремиерот Битиќи, притоа посочувајќи дека на градежништвото треба да гледаме и низ призма на тоа која негова гранка носи најголема додадена вредност.

Зборувајќи за работната сила и нејзината подготвеност за градежништвото, вицепремиерот Битиќи посочи дека треба да дадеме одговор колку луѓе во наредните пет години ќе може да одговорат на потребите на градежништвото, притоа посочувајќи на процесот на изработка на Националната развојна стратегија(НРС).

„Ние пред две години го започнавме развојот на НРС, на инклузивен начин и со консензус меѓу сите чинители, веќе сме до крајот на нејзиното усвојување, очекуваме Собранието да ја изгласа до крајот на годината. Во НРС ќе бидат детерминирани клучните цели и визијата каква држава сакаме да имаме наредните 20 години. НРС е средство за постигнување на повисоки цели, за економски развој во секторите кои треба да го придвижат развојот, во кој секоја градежна компанија ќе го добие местото каде и припаѓа“, рече вицепремиерот Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи, во своето обраќање ја нагласи потребата од креирање на услови кои градежните компании ќе ги направат конкурентни и на странските пазари.

„Заеднички треба да креираме доволно услови сите вие да сте конкурентни на пазарот на градежништво, без разлика дали тоа е во Северна Македонија или надвор. Само зголемената конкурентност е одржливо решение за компаниите. Секој друг критериум, кој има привилегирани услови, може да биде дискриминирачки “, рече вицепремиерот Битиќи, притоа порачувајќи дека зголемената конкурентност ќе значи и поголема подготвеност на градежните компании за внатрешниот пазар на Европската Унија.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека реформите во образованието треба да одговорат на потребите во наредните 20 години, да поттикнат човечки капитал таму кај што има најголема додадена вредност, како што е градежништвото.

Заедно со вицепремиерот Битиќи, дел од панелот беа и министерот за економија, Крешник Бектеши, Проф. Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, и Проф. Д-р Јасмина Буневска Талевска.

Конференцијата која се одржува денеска и утре во Охрид, во организација е на Здружението за градежништво, индустрија за градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Министерство за транспорт и врски и ЈП за државни патишта.