25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба Грковска – Папастергиу: Дигитализацијата и сајбер безбедноста се процеси коишто мора да одат паралелно, меѓусебната соработка е значајна за градење ефикасни политики

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со министерот за дигитална политика на Република Грција, Димитрис Папастергиу, со кого разговараше за можноста за продлабочување на соработката во делот на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.

Вицепремиерката Грковска, која го координира процесот на дигитална трансформација на општеството, информираше дека нашата држава е во процес на подготовка на сите неопходни предуслови за воведување на електронски документи за идентификација, како основа за дигитална трансформација, а во интерес на обезбедување на ефикасни, брзи и квалитетни услуги за граѓаните.

Со цел да се изгради систематски и долгорочен пристап кон дигитализацијата, додаде таа, формиран е Национален совет за дигитална трансформација, со кој претседава вицепремиерката Грковска, а во кој, покрај претставници од Владата и од опозицијата, вклучени се сите општествени субјекти.

Република Грција, токму изминатиов месец ја промовираше новата мобилна апликација која ќе им помогне на граѓаните да вршат трансакции со јавниот сектор без притоа да покажуваат никакви документи. Истовремено, една од главните реформи кои во моментов ги презема грчката Влада е секој граѓанин на личните документи покрај матичниот број да има и уште еден персонален идентификациски број, кој ќе биде поврзан со посебна платформа преку која ќе се добиваат услуги.

Двајцата соговорници беа согласни дека паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството мора да се посвети внимание и на сајбер безбедноста, бидејќи тоа е предуслов за успешна дигитализација.

Министерот Папастергиу информираше дека Грција е во процес на воспоставување Национален орган за сајбер безбедност, со цел да се зајакнат капацитетите во оваа сфера.

Вицепремиерката Грковска го отвори и прашањето за потребата за оптимизација на процесите во јавниот сектор, за што со министерот Папастергиу разменија мислење за грчкото искуство со дата базата на Грција, во која се содржани овие процеси.

Обајцата се заложија Северна Македонија и Грција во наредниот период да ја продлабочат меѓусебната соработка и да ја зајакнат комуникацијата во делот на дигиталната трансформација на општеството, бидејќи размената на искуства е клучна во градењето на ефикасни и квалитетни политики.