26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шукова: Се грижиме за граѓаните и ги помагаме општините во Полошкиот регион изложени на зачестени поплави

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и градоначалникот општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, денеска беа во теренска посета на локацијата во селото Туденце, каде што отпочнуваат работите за санација и регулација на коритото на горниот тек на реката Вардар во општина Јегуновце.

Во своето обраќање, министерката Шукова потенцираше дека Полошкиот регион е подрачје кое е исклучително ранливо на временските непогоди, како што се поплавите, кои многу често имаат катастрофални последици за жителите.

– Од таа причина, применувајќи интегриран пристап со поддршка и соработка на сите вклучени страни како што се донаторите, владата, локалната власт и заедниците, им помагаме на локалните заедници во зголемување на отпорноста кон ваквите природни непогоди – истакна таа посочувајќи дека санацијата на речните корита, пред се, подразбира чистење на природното корито од градежен шут, комунален и кабаст отпад како и вегетација од самото корито што го попречува текот на реката.

Постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите Нации во Северна Македонија, Армен Григорјан, оцени дека поплавите во горниот тек на Вардар, во општина Јегуновце, се честа закана за домовите и земјоделскиот имот на жителите на селата во овој регион, што се потврди и во текот на месец Јуни, кога два пати дојде и до излевање на реката и поплави.

– Корист од оваа интервенција директно ќе имаат околу 3000 жители на општината Јегуновце и околу 10 000 жители на градот Гостивар, преку засилувањето на отпорноста и намалувањето на ризиците од поплави – изјави Григорјан

Проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, во чии рамки ќе се спроведуваат активности за санацијата и регулација на коритото на горниот тек на реката Вардар, ќе се спроведуваат на две локации, во општината Јегуновце, како и во општината Гостивар, во вкупна должина од 17,2 километри и стабилизирање на 12-те најкритични речни делници со вкупна должина од 1,8 километри.

Проектот е дел од пошироката Програма за намалување на заканите и ризиците од природни катастрофи, пред се, од поплави во Полошкиот Регион и негова цел е да поттикне трансформациска промена во управувањето со ризикот од поплави во регионот, што ќе ја подобри севкупната отпорност на поплави во Полошкиот регион и ќе помогне во усогласувањето на системот за управување со поплави на ниво на земја со ЕУ и други современи концепти и пристапи. За реализација на овие два зафата Швајцарија преку двете агенции: Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и швајцарскиот државен секретар за економски прашања (SECO) за интервенција на реките Вардар Гостивар и Вардар Јегуновце одвои 1,5 милиони долари, а контрибуцијата на Министерството за животна средина и просторно планирање изнесува 220 илјади долари. Проектот се спроведува во партнерство со УНДП.