Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата на тема „Градење на дигитални мостови кон нашата заедничка дигитална иднина“ организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Истакнувајќи дека за да имаат младите дигитална иднина, мора да ја задржиме дигиталната генерација во земјава, претседателот Пендаровски потенцираше дека предуслов за тоа се реални, а не реторички реформи, владеење на правото и беспоштедна борба против корупцијата.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.
Почитувани присутни,
Дами и господа,
Благодарам за честа да се обратам на оваа конференција организирана од страна на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии. Ако некој со право кај нас може да зборува на темата „Градење на дигитални мостови кон нашата заедничка дигитална иднина“, тоа е секако – МАСИТ.
Речиси четврт век, МАСИТ активно го промовира развојот на македонската ИТ-индустрија и е еден од главните двигатели на дигитализацијата на македонското стопанство. Се сеќавам дека пред цели 20 години, сега покојниот претседател Борис Трајковски, учествуваше на една од вашите први конференции на која го застапуваше концептот на македонско „е-општество“. Од тогаш до денес, МАСИТ прерасна во проверен и сигурен партнер на компаниите, на државата, на донаторите и на академската заедница, и учествуваше во изградбата на дигитални мостови со кои голем број македонски граѓани, компании и организации ги почувствуваа придобивките на дигитализацијата.
Но, како што знаете подобро од мене, дигиталната трансформација не познава конечна дестинација. Пред нас е нова дигитална граница која ги брише поделбите меѓу физичкото, дигиталното и биолошкото. Вештачката интелигенција, роботиката, нанотехнологиите, квантната информатика, криптовалутите и паметните машини ги менуваат производните процеси, потрошувачките навики и структурата на пазарот на трудот.
Како стратешка алатка на напредните економии, не случајно тие својот најголем развој го постигнуваат токму во доменот на информатичките технологии. Според Светскиот економски форум, 70% од новата вредност што на глобално ниво ќе се создава во текот на наредната деценија ќе се темели на дигиталните бизнис-модели. Познат податок е дека аналитичната организација „Статиста“ предвидува дека веќе годинава дигитално трансформираните компании ќе создаваат половина од светскиот БДП, а дека добивките од вештачката интелигенција ќе достигнат 16 трилиони долари до 2030 година.
Истовремено, за жал, дигиталниот јаз во светот се проширува. Најголемиот ризик за било која економија и држава е да остане на страната на застарената технологија и да биде третирана како подрачје за регрутација на евтина работна сила и низок квалитет на животот.
Прашањето со кое се соочуваме е: на која страна од дигиталниот јаз ќе се најдеме ние како општество и држава? Дали како пасивни консументи на новите дигитални производи или како активни креатори кои со своите програмски решенија ќе се натпреваруваат на глобалниот дигитален пазар?
Одговорот на ова прашање, најмногу од се, зависи од демографијата. Светскиот извештај за миграција од 2020 година нѐ рангира на 20-то место во светот според стапката на миграција. Според најновите проекции, до 2050 година, Северна Македонија ќе изгуби околу 10.9% од својата популација. Најголемата пречка за креирање на успешна дигитална иднина е ако останеме без дигитална популација. Прашањето не е, дали младите ќе ја остварат својата дигитална иднина. Прашањето е само дали тоа ќе го направат тука, во Македонија, или како дигитални номади во некоја поразвиена држава. Оттука, клучникот предизвик со кој се соочуваме е како да ја задржиме младата, дигитална генерација.
Еден од начините е да се обезбедат поволни услови за работа. Знаеме дека и покрај економската криза, македонската ИТ-индустрија бележи континуиран раст. Минатата година платите во ИТ- секторот пораснаа за 30% во споредба со 2021 година. Не случајно, една од најпосакуваните професии кај нас е програмирањето.
Вториот начин е да им помогнеме на младите инженери и програмери да се вклучат во македонските иновациски екосистеми за да можат да ги реализираат своите бизнис-идеи. Сите ние можеме да посведочиме дека кај нас имаме, не мала бројка на умни млади луѓе кои се успешни примери за добри практики што е секако факт кој охрабрува.
Сепак, и покрај релативно високите плати за наши услови, и покрај вклучувањето во стартапи и во иновациски екосистеми, многу млади си заминуваат. Професионалците од ИТ-секторот многу добро знаат дека ако еден софтверски вирус навреме не се отстрани, тогаш корисниците го губат трпението и бараат алтернативи. Причината за иселувањето на дигиталната генерација треба да ја бараме во еден вирус или грешка што го прави системот нестабилен, непредвидлив и изложен на ризици. Зборувам за корупцијата која заедно со непотизмот е најголем генератор на иселувањето на младата дигитална генерација бидејќи влијае на шансите да успеете во животот.
Почитувани,
За младите да имаат дигитална иднина, мора да ја задржиме дигиталната генерација тука. А за тоа се предуслов реални, а не реторички реформи, владеење на правото и беспоштедна борба против корупцијата и двојните стандарди кои ги диктираат вашата партиска книшка или етничкото потекло.
МАСИТ има акумулирано искуство и авторитет да зборува за овие прашања, и се разбира, има капацитет да им понуди решенија на носителите на одлуки. МАСИТ веќе учествуваше во консултативниот процес при пишувањето на Рамката за развој „МКД 2030“, каде што два од четирите развојни приоритети се фокусираат на дигитализацијата и на младите, образованието и инклузивниот развој.
„МКД 2030“, заедно со Националната развојна стратегија 2021 ‒2041, треба да ни помогне да ја забрзаме дигиталната трансформација, да промовираме дигитална економија и образование, да ја подигнеме дигиталната писменост и целосно да ги дигитализираме јавните услуги. И сето тоа да го правиме имајќи ги во предвид, пред се, потребите на младите генерации.
Само така, во блиска иднина, Македонија ќе биде развиена дигитална република во која младите ќе ја гледаат и градат својата и нашата, заедничка дигитална иднина.
Ви посакувам успешна конференција и ви благодарам на вниманието.