Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес учествуваше на дискусијата со граѓани со наслов „Новите геополитички случувања и влијанието врз Северна Македонија“, организирана од Институтот за европска политика.
Османи нагласи дека враќањето на проширувањето на агендата на Европската Унија по создадениот геополитички и безбедносен контекст претставува извонреден повик за сите земји што се стремат за европска интеграција. Во овој контекст, според Османи, време е сите политички фактори да се обединат за европската агенда на Северна Македонија како приоритетна агенда на сите фактори во државава.
„Она што е поинаку овој пат, на нашиот европски пат, кој воедно е своевидна раскрсница за нас, е тоа што кај нас е топката дали ќе успееме во овој геополитички момент, во оваа временска теснина да се протнеме низ вратата на ЕУ, која води кон забрзана интеграција за државите со докажан проевропски курс. Тоа претпоставува усвојување на уставните измени за да можеме да чекориме напред во нашиот пристапен процес“, рече Османи.
„Доколку не успееме да се качиме на тој воз, ќе ја следиме траекторијата на движење на оние држави од Западен Балкан, кои многу мачно и бавно ќе се движат во поглед на идно членство на ЕУ бидејќи ќе влеземе во групата држави од регионот што имаат отворени билатерални прашања, кои треба допрва да ги решат пред да продолжат со евроинтеграцијата. А повторното отворање на билатералните прашања со Бугарија нема да биде поповолно од она што сега е“, рече тој.
Од друга страна, според министерот, принципот на заслуги мора да остане апсолутен императив во односите меѓу Унијата и земјите кандидати.
„Kога нашите земји ќе ги испорачаат сите во нивните досиеја, ЕУ мора да испорача. Ова е крајниот мотиватор и се надеваме дека ЕУ ќе може да донесе важни одлуки за регионот во декември оваа година“, рече министерот.
Османи се осврна и на други актуелни прашања од надворешната политика на земјата. На настанот што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Прв“ во Скопје со свои видувања учествуваа и Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и член на Советот за безбедност, и Весна Попоска, деканка на Правниот факултет на Меѓународниот универзитет „Визион“.