24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Најавена изведба на операта „Травијата“ од Џузепе Верди на 31 октомври 2023 во 20.00 ч.

Една од најомилените претстави на македонската публика, операта „Травијата“ од Џузепе Верди ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 31 октомври, со почеток во 20.00 часот.

Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова.
Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон настапува Благој Нацоски, во уогата на Жорж Жермон, Марјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето напишано според романот „Дамата со камелии“ и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.