24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на третата Школа за политики

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Вила „Билјана“ во Охрид, ги додели сертификатите на учесниците на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование за 2023 година.

На свеченоста, претседателот Пендаровски во своето обраќање потсети на идејата за формирање на Претседателскиот центар во 2020 година и ја издвои неговата најважна цел, а таа е да обезбеди платформа за демократски дијалог и политичко образование во духот на демократските вредности за граѓаните, а особено за младите луѓе. Тој истакна дека во изминатите месеци учесниците на Школата за политики имале прилика во рамки на петте модули да учат и да се стекнат со вештини од различни области на општествениот и политичкиот живот што претставуваат јадро на демократијата.

„Освен образовната компонента и стекнувањето на нови вештини, Школата што денеска ја завршувате, имаше за цел, да ви помогне, на практичен начин да го сфатите значењето на демократијата како единствен цивилизиран начин на уредување на политичките односи и заедничкото живеење во заедниците“, рече претседателот Пендаровски.

Во своето обраќање тој се осврна и на состојбата на демократијата кај нас и пошироко, при што оцени дека во последните две децении сме сведоци на една постепена, но се поголема криза на либералната демократија во светот и во Европа. Претседателот истакна дека клучните институции на меѓународниот поредок се во криза или се нефункционални и посочи дека на територијата на Европа имаме агресивна војна на една држава против друга, односно вид на војна за територии за кој мислевме дека не е можен во 21-от век, додека воените тензии на Блискиот Исток се константа, исто како и се поголемата нестабилност на африканскиот континент.

Претседателот Пендаровски рече дека процесот на европските интеграции, некогаш најважната трансформативна алатка и сила за пост-комунистичките држави во Европа, е де факто замрзнат и тоа токму кога треба да се донесат стратешки важни одлуки за интеграцијата на нашиот регион.

Тој упати порака до учесниците на Школата за политики да продолжат да веруваат и да се борат за демократијата и човековите права и слободи и покрај моменталните разочарувања, бидејќи без нивната борба за демократските вредности тие не можат да опстанат.

Претседателот на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, проф. д-р Александар Љ. Спасов, во своето обраќање на свеченоста истакна дека основната задача на Школата за политики е да ги поврзе учесниците од различни општествени групи во потрагата кон вредности и политики кои обединуваат и поттикнуваат демократски и социоекономски развој на македонското општество, кои во време на интензивни поделби е повеќе од потребен.

На церемонијата на доделување сертификати, а во името на сите годинашни учесници се обрати Ања Диздаревиќ, која ги сподели импресиите и стекнатите искуства за време на едукативните семинари.

Школата за политики е организирана во соработка со канцелариите на фондациите и здруженијата во земјава „Фридрих Еберт“, Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ), Фондацијата „Конрад Аденауер“, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата „МК2025“ и Регионалната канцеларија за младинска соработка „RYCO“.