15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Санела Скријељ: Жените секогаш биле носителки на прогресивните промени, женската солидарност и заедништво клучни во борбата за родова еднаквост

Проектната менаџерка во Фондација Фридрих Еберт Скопје Нита Старова на регионалната социјалдемократска Академија за женско лидерство истакна дека темата за зајакнување на женското лидерство е многу важно затоа што жените и девојките стекнуваат поголема самодоверба во носењето на одлуките и политиките, но истовремено полесно можат да препознаат и да реагираат на секаков вид насилство. Особено истакна дека регионалната соработка може да влијае и да ги зајакне напорите за застапување и да обезбеди поширока птатформа за промовирање на родовата еднаквост.

Директорката на Коалицијата Маргини што се залага за заштита и почитување на основните човекови права на маргинализираните заедници Ирена Цветковиќ и претставничката на Управниот одбор на Академијата за женско лидерство – Белград Марија Срдиќ на панел дискусијата „Кој се плаши од родот“ ги презентираа податоците од состојбата со антиродовите движења, нивните начини на дејствување и последиците.

Цветковиќ, изјави дека антиродовите активисти користат пропаганда и дезинформации за да ја шират својата порака и да ги поткопаат напорите за промовирање на родовата еднаквост. Најчесто ова вклучува ширење лажни информации за родовата теорија или користење емоционални апели за прикажување на родовата еднаквост како закана за традиционалните вредности. Покрај дезинформациите, антородовите активисти делуваат и преку организирање протести, демонстрации и онлајн кампањи за да го привлечат вниманието и извршат притисок врз креаторите на политики.

Срдиќ, се осврна на состојбата со репродуктивните права на жените и истакна дека повеќето земји од Западен Балкан, Централна и источна Европа (освен Полска) спаѓаат во групата земји со либерален став кон намерно прекинување на бременоста. Таа информираше дека во ограничувањето на правото на жените слободно да одлучуваат за породувањето најчесто влијание имаат верските институции и политичкиот конзерватизам.

Пратеничката во македонското собрание Санела Скријељ која беше модератор на панел дискусијата потенцираше дека жените секогаш биле носителки на прогресивните промени, а женската солидарност и заедништво се клучни во борбата за родовата еднаквост.

Учесничката Александра Васиљевиќ од Словенија рече дека тоа што ја инспирирало да се вклучи во женски форум е прашањето на сите женски теми коишто не ги засегаат само жените. Таа во својата работа забележувала дека дискриминацијата врз основа на родот станувала сѐ поголема и тоа најмногу се покажувало во јазот на платите помеѓу мажите и жените на секои ниво. Васиљевиќ, изјави дека многу жени не го препознаваат психичкото насилство и токму состојба ја потикнало да се вклучи во женските организации за да им помогне да ја увидат ситуацијата и да реагираат.

На регионалната социјалдемократска Академија за женско лидерство учествуваат жени лидерки од социјалдемократските партии и граѓански организации од Северна Македонија, Србија, Албанија, Грција, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

Академијата која го опфаќа и теоретскиот и практичкиот дел со интерактивни предавања, работилници, панел дискусии, обуки и групна работа е во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, ФЕС Дијалог Југоисточна Европа.