Какви придобивки носат преговорите и членството на Македонија во Европската Унија?
За Македонија преговорите и членството во ЕУ носат и повисок животен стандард, повисоки плати, поголема куповна моќ, повеќе финансиски средства, целосно реформирање на јавните институции, судството, правдата…
Една од придобивките ќе биде и зголемувањето на платите, односно ќе се создадат услови за голем скок на платите, кој кај некои држави во првите 5 години од зачленувањето се движел од 70 до 100%.
За нашата земја важно е членството во ЕУ затоа што Унијата е наш економски партнер, 77,5% од извозот завршува во ЕУ, додека 51% од увозот доаѓа од таму. Со членството во ЕУ, домашните компании создаваат дополнителна економска вредност преку соработка со европски компании.
Исто така, ќе се отворат вратите на европскиот пазар од 500 милиони потрошувачи. Македонските компании, под исти услови со компаниите од Унијата ќе можат да ги понудат и пласираат своите производи и услуги.
Тоа дополнително ќе ги зајакне трговските перспективи и потенцијалот за остварување на одржливи стапки на раст на БДП. Во првите 5 години, во други држави кои станале членки на ЕУ, стапките на раст се зголемиле за 80 до 90 отсто.
Членството во ЕУ ќе овозможи и можност за слободно движење на работната сила во рамки на европскиот економски простор.
Со забрзувањето на евроинтеграциите, многу повисока ќе биде и директната поддршка за економијата. На Македонија ќе и бидат достапни нови програми и фондови, кои ќе значат брз напредок за земјата.
Процесот на приклучување кон ЕУ значи и хармонизација на законодавството со европските норми и стандарди, што создава подобри услови за бизнис и инвестиции, европеизирање на македонскиот бизнис модел.
Позитивни промени во Хрватска
Несомнено, Хрватска бележи најпозитивни движења од влезот во Унијата на полето на економијата. Во тие десет години стапката на невработеност е намалена од над 17 на 7 отсто, а бројот на вработени се зголемил од 1,3 милиони на 1,6 милиони. Извозот се удвоил од 12,5 на повеќе од 25 милијарди долари, а бруто националниот производ се зголемил од 59 милијарди долари на околу 79 милијарди долари оваа година.
Хрватска во 10-те години членство во Европската унија е во плус од 12 милијарди евра, кога ќе се погледне што платила за членство, а што добила. Досега Хрватска уплатила 5,2 милијарди евра во европскиот буџет, а повлекла 17,1 милијарди евра европски фондови.
Македонија на чекор до преговори
Македонија е многу блиску до преговори. Сега, единствено што имаме е внесување на Бугарите и другите во Уставот, но за тоа треба да се согласат и власта и опозицијата.
Додека од власта се на став дека сите треба да се собереме во еден европски фронт со цел да ги донесеме одлуките кои што се потребни за влегување на државата во ЕУ, од опозицијата не се согласуваат и го блокираат процесот.