24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

КРАЈ НА ЕДНА ОПСЕСИЈА: Главната порака на Мицковски замина во заборав

КРАЈ НА ЕДНА ОПСЕСИЈА: Главната порака на Мицковски замина во заборав

ЏАБИР ДЕРАЛА

Еден од столбовите на кампањата на Мицковски што трае од првиот ден кога стапи на функцијата шеф на вмро (23 декември 2017 година) – се урна како кула од карти.

Илјадници негови јавни настапи почнуваа и завршуваа со барањето за предвремени избори. Многу често и немаше друга порака, освен предвремени избори, така што многу малку му остануваше да каже кога избори навистина се одржуваа, бидејќи политичкото деноноќие му беше исполнето токму со тоа барање.

Некогаш луто, некогаш хистерично, а често и плачливо, овој вообичаено неконзистентен лик, имаше една константа. Речиси шест години, секој ден, најмалку по еднаш, бараше предвремени избори.

Тоа беше неговата политичка мантра, практично, веднаш по секој изборен процес. Дури ни освојувањето на најголем број општини на локалните избори во 2021 година не му ја смирија душичката – веднаш бараше и предвремени парламентарни избори. Па правеше вратоломни акробации во парламентот за да ја преземе власта, но и тоа му пропадна. Но тоа не го обесхрабри, веќе утредента да продолжи со своите барања.

Што се случи? По речиси шест години упорно повторување, овој неуморен производител на инает и црнила, одненадеж, реши да крене раце од главната политичка содржина на неговото дејствување. Дури и призна дека е победен – нека бидат изборите во редовниот термин.

„Еве, им признавам дека победија, нема предвремени избори, редовни ќе бидат изборите. Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден, само нека се сретнат работните групи и нека разговараат. Што ќе предложат, тоа ќе разговараме“, рече тој на 20 октомври. Чекав да поминат неколку дена, да не се предомисли, како и обично, но и по речиси недела дена, тој не го промени ставот (уште еден рекорд).

Ете, така, драги читателки и читатели, главната порака на нашиот Мицковски, замина во заборав.

Но треба да остане забележано дека предвремените избори беа неговата главна преокупација, да не речам опсесија, повторувана во бескрајни и бесмислени низи, да повторам – речиси шест години.

Добро, да не претерам, има тој во репертоарот и низа други пораки – им се заканува на судиите, на политичките противници, интелектуалците, на ЕУ, невладините, медиумите… Не е без ич. Но без предвремени избори, не е тоа – тоа. Штета!

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Civilmedia.mk