25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Мицкоски остана близок само со Орбан, сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат да го игнорираат

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на меѓународен план остана близок само со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е познат по неговите про-руски ставови, додека Европската народна партија (ЕПП), пополека започнува да се дистанцира од лидерот на опозициската партија.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, потег што веројатно е порака до Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека нивната политика на изолација и играње во полза на Русија наидува на осуда кај нивните сестрински партии.

Ваквиот потег, еден од најголемите непријатели на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски од земјава да биде избран од нивните сестрински партии на висока функција е во насока на шпекулациите од изминатиов период според кои Христијан Мицкоски нема никаква поддршка бидејќи тој има сериозен проблем со меѓународните претставници, а во неколку наврати од различни центри Мицкоски беше посочен како проруски играч кој ги кочи интегративните процеси, пишува „Градска.мк“.

При последната посета на Брисел на Мицкоски беа најавени средби со Симон Морду, главен советник за надворешни работи на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вечера со европратеникот Кристијан Сагарц, известувач во сенка за Македонија, Ангелина Ајхорст – директорка за Европа и Централна Азија во службата за надворешни работи на ЕУ, Патрик Волер, директор за меѓународни односи на ЕПП, а беше највена и средба на вмровската делегација и со Манфред Вебер, претседател на ЕПП и претседател на парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент.

Што и да било кажано на вмровската тројка околу уставните измени не се знае. Нема никаков запис за нивните средби на веб-страниците во ЕУ. Ни на страницата на ЕПП нема запис дека се одржала средба меѓу Манфред Вебер и Христијан Мицкоски. А во официјалната подолга изјава од самитот на лидерите на ЕПП пред самитот на Европскиот совет, Македонија воопшто не се споменува, пишува „Градска.мк“.
Внатрепартискиот раздор во опозициската ВМРО-ДПМНЕ со ова станува уште поизразен, бидејќи поумерените и проевропски членови започнуваат се поостро да се спротивставуваат на радикалите во своите редови, па не е чудно и тие да гласаат и да се префрлат во партијата за која потписи собира Арсовска.

Арсовска е конзул на Унгарија во земјава, многу често е поврзувана со поранешниот премиер Груевски, а како што објави „Фокус“, адресата на партијата за која таа собира потписи е на местото каде што се наоѓаат фирми на нејзиниот соработник Драган Митковски, кој, како што објавија дел од медиумите, е близок човек на Груевски.

Ваквите случувања алудираат на тоа дека расколот во ВМРО-ДПМНЕ добива и меѓународни димензии, односно дека и нивните сестрински партии од Европската народна партија (ЕПП) ја избраа страната која е против Мицкоски.