25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши за бугарската такса на рускиот гас: Уцени не се прифатливи, нема да им помине

Министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија откога Бугарија воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија. Бектеши вели дека тоа би ја зголемило цената на гасот што во земјата го користат компаниите, но уверува дека додека е тој министер, нема да дозволи уцена од никого.

„Тоа се, секако, нивни одлуки, внатрешни, но паралелно со тоа треба да се има предвид и да им се каже јасно и отворено дека ако се носат такви одлуки, треба да се носат и други одлуки, каде што ќе се ослободат количините за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори, како што е случајот со Северна Македонија. Ние претходната година ослободивме одредени количини, но тие не се доволни за побарувачката и потребите на Северна Македонија и тоа секако би влијаело на цената на природниот гас што го користи стопанството, генерално. Веќе реагирав во енергетската заедница и кон Европската комисија и очекувам да се ослободат количините што ги закупил токму ‘Гаспром’ од бугарската страна. Ако воведуваат такса за природен гас што доаѓа од ‘Гаспром’, тогаш да ги ослободат и количините што се закупени од страна на ‘Гасром’ кон Северна Македонија“, рече министерот Бектеши.

Ваквото однесување на Бугарија министерот Бектеши го изедначи со уцена за која вели дека нема да им помине.

„Ние не се мешаме во нивната фискална политика и во воведување дополнителни такси. Секоја држава има право да воведува внатрешни такси, но да уцениш друга држава на ваков начин е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија. Јас колку што знам Бугарија е членка на Европската Унија и тие механизми треба веднаш да ги укине не само кон нашата држава туку, генерално, затоа што во Европската Унија се неприфатливи“, рече министерот Бектеши.

Поради ваквото неприфатливо однесување, Бектеши најави дека ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија имајќи предвид дека другите држави околу нас имаат можност да се снабдуваат со гас и од други извори.

„Република Србија и другите држави може да користат други извори, освен рускиот гас, за да бидат снабдувани. Во однос на нашата држава, тие сами ги давале во закуп на ‘Гаспром’ до 2030 година сите количини, освен последните што беа ослободени. Затоа бараме веднаш да се ослободат капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори вклучувајќи го тука и Азербејџан, а зошто да не и преку терминалите од Грција“, вели Бектеши.

До крајот на годината министерот очекува да почне изградбата на новиот гасовод со Грција, кој за Министерството е приоритет, целосно поддржан од страна на ЕБОР, ЕИП и од страна на нашите стратешки партнери.

„Уцени во делот на начинот како ќе инвестираме и како ќе ги диверзифицираме енергетските капацитети на Република Македонија не се прифатливи. Не од Бугарија, од никого. Ако мислат на ваков начин да направат уцени, тоа нема да им помине. Ние ќе продолжиме да ги диверзифицираме изворите на снабдување. Тоа веќе е почнато и за тоа веќе нема компромис. Во делот на ослободување на капацитетите, тоа е обврска на Европската Унија бидејќи зборуваме за начела на целосна либерализација на пазарите“, рече министерот Бектеши.

Таксата за рускиот природен гас што се испорачува преку нејзина територија Бугарија ја воведе на почетокот на минатата недела. Изнесува 20 бугарски лева или нешто повеќе од евра за мегават-час за гасот што транзитира на нивната територија.