24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонија го одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Денот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.

Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.

По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2023 година за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

За остварување во областа на науката и образованието, наградата ќе им се додели на тимот за трансплантација на црн дроб: проф. д-р Зоран Караџов, проф. д-р Светозар Антовиќ, доц. д-р Бети Тодоровска, прим. д-р Татјана Спировска и проф. д-р Маја Мојсова-Мијовска; и на универзитетскиот проф. д-р Африм Османи.

За остварување во областа на културата и уметноста наградата ќе им се додели на: проф. м-р Роберт Јанкулоски, визуелен уметник и на Блаже Миневски, писател.

Собраниска делегација, во состав Дарко Каевски и Велика Стојкова-Серафимовска, ќе положи венец свежо цвеќе на Споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Владина делегација составена од Роберт Алаѓозоски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и Драган Василевски, советникот за одбрана на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, ќе положи свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје.