24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Преку ИПАРД обезбедуваме силна поддршка за земјоделството и стопанството

СДСМ во изминатите години стана вистински партнер на земјоделството со развојни политики, силна финансиска поддршка за унапредување и модернизација на земјоделското производството, велат преку соопштение од партијата.

– Нашата држава е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, со 98 отсто и прва земја во регионот којашто започнува со ИПАРД 3 програмата, со што се отвораат повеќе области за поддршка, но и авансна исплата за предложените бизнис идеи. Резултатот се склучени над 2.300 договори во ИПАРД 2, и за 60 отсто зголемени нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата, велат од СДСМ.

Оттаму нагласуваат дека изминатите години, со помош на ЕУ, се обезбедени услови за модернизација на земјоделското производство, отворање многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, модерни земјоделски машини, системи за наводнување, мали бизниси од рурални средини.

Со членството во ЕУ се отвора пазар од 500 милиони жители за пласман на македонските земјоделски производи, поголеми можности за стопанството, но и зголемена финансиска поддршка преку развојните фондови на ЕУ, која е дури 11 пати поголема од поддршката која ја имаат земјите кандидати во однос на земјите членки во ЕУ, велат од владејачката партија.